Дали и зошто добил забрана за влез во Македонија шефот на руското црковно предворје во Софија, Васијан Змеев? Одредени медиуми кај нас и во Софија објавуваат дека покрај тројцата руски дипломати од Амбасадата во Скопје, за персона нон грата е прогласен и рускиот свештеник. Но од македонското МНР се уште нема никаква официјална информација и потврда.

Според написите, рускиот свештеник тминатата година зачестил со посети во земјава и остварувал средби со претставници на Македонската православна црква. Веста од Скопје предизвика реакции и во Бугарија и тоа во момент кога во Софија тече расправа кој да го назначува шефот на разузнавачките и контраразузнавачките служби. Во моментов тоа е претседателот на државата Румен Радев, но Владата на Кирил Петков и Бојко Борисов сакаат да му ги одземат овие ингеренции. Според пратеникот од партијата на Кирил Петков, Атанас Атанасов бугарското контразузнавање соработува и со Русија и како пример го посочи рускиот свештеник.

„Малата Македонија со нејзините служби, не знам колку се ефективни, дознале дека рускиот свештеник кој живее во Софија и служи тука во руската служба во центарот на Софија и се занимава со други работи, се занимава со разузнавање во Македонија и го протерале од таму, а тој пет години живее во Бугарија. Го прашувам јас бугарското контраразузнавање, зарем не им е срам од тоа што тој, кој живее тука и во Бугарија развива разузнавачка дејност, го протераа од Македонија, а тој тука живее комфорно“, изјави Атанас Атанасов, претседател на Демократи за силна Бугарија во интервју за БНТ.

Од МПЦ велат дека прво за ова треба да расправа Синодот, па потоа ќе излезат со реакција во јавност.