Австралиската полиција упаси жена која се доведува во врска со повеќе од 100 пријавени случаи на подметнување на игли за шиење во јаготки, во септември годинава во Австралија, јави Си-Ен-Ен.

Од полицијата во австралиската држава Квинсленд објавија дека по обемната истрага е уапсена 50 годишна жена, која утре (понеделник) ќе биде изведена пред судот во Брисбејн. По овие случаи кои ја потресоа Австралија, тамошните власти ги заострија мерките против контаминација на храна на 10 до 15 години затвор.

Игли во јаготки најпрво беа пронајдени во Квинсленд, а потоа и во останатите австралиски држави, и тоа кај најмалку шест различни производители на јаготки. Во меѓувреме се појавија и поединечни случаи на пронапѓање игли за шиење во банани, јаболка и манго, но полицијата смета дека тоа беа имитации на злосторството со јаготките.

Откако се појавија првите случаи во кои беа откриени игли во јаготките, властите издадо предупредување до купувачите да ги пресекуваат јаготките пред да ги консумираат, а се стравот кој се појави предизвика големи штети кај производителите и продавачите на јаготки во Австралија.

Австралискиот премиер Скот Морисон тогаш ја спореди оваа саботажа со терористички чин и ги повика граѓаните да прават колачи од јаготки за да им помогнат на оштетените производители.

Но трговците низ цела Австралија ги повлекоа јаготките од своите рафтови, а домашните и странските купувачи го прекинаа купувањето, што зададе силен удар на извозот на ова овошје. Австралија извезува јаготки во Хонг Конг, Малезија, Сингапур, Тајланд и ОАЕ, а во 2017 година, според официјални податоци, извозот на јаготки изнесувал три отсто од вкупниот извоз на овошје од Австралија.