Американскиот претседател Џозеф Бајден разговараше синоќа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да „изрази загриженост“ поради планот на неговата влада за реформирање на правосудниот систем што предизвика широки протести низ Израел и да го повика Нетанјаху на компромис.

Бајден разговараше со Нетанјаху од неговиот дом во Вилмингтон, Делавер, каде го помина викендот. Белата куќа соопшти дека претседателот, во разговорот што висок функционер на администрацијата го опиша како „искрен и конструктивен“, ја повторил загриженоста на САД за мерките за поткопување на независноста на судството од политичкиот систем на Израел.

Официјален претставник на Белата куќа, кој побара анонимност, рече дека Бајден му нагласил на Нетанјаху дека „реформите како оваа треба да се донесат со што е можно поширок консензус“. Немаше непосредни индикации дека Нетанјаху го одбегнал предлогот на Бајден, иако оваа недела тој го отфрли компромисот што го понуди претседателот на Израел, Исак Херцог. Нетанјаху рече дека законските измени ќе бидат спроведени одговорно, притоа штитејќи ги основните права на сите Израелци.