Американскиот претседател Џо Бајден ќе ги посети Саудиска Арабија и Израел следниот месец, а Белата куќа планира да објави за посетата оваа недела, јавија американски медиуми, повикувајќи се на извор запознат со плановите.
Според изворот, за време на посетата на Саудиска Арабија, Бајден би можел да се сретне со престолонаследникот Мохамед бин Салман.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД потврди дека Бајден планира патување во Израел и Саудиска Арабија.
– Засега немаме дополнителни детали за посетата, но ќе ги објавиме веднаш штом ги имаме, рече портпаролот.
Целта на посетата би била зајакнување на врските со Саудиска Арабија во време кога Бајден се обидува да најде начин да ги намали цените на бензинот во САД.