До 15 октомври годинава, Косово од Србија увезло стоки во вредност од околу 360 милиони евра, а во Србија од Косово била извезена стока од само 23 милиони евра.
Ова, како што пренесува агенцијата Бета, го изјави портпаролот на Царината на Косово, Адриатик Ставиљеци.
Тој за агенцијата Косовапрес вели дека до крајот на годинава, доколку продолжи сегашниов тренд, легално во Косово од Србија ќе биде увезена стока во вредност од 400 милиони евра.
– Во последните 7-8 години, за српски производи се трошат 300 до 400 милиони евра во текот на една година. Говориме за стока која редовно се увезува, а трендот на раст на увозот на стока од Србија секоја година расте за повеќе од 5 отсто, вели Ставиљеци.
Според неговите зборови, од Србија во Косово се увезува широка лепеза на прозиводи, од машини до производи од прехрамбената индустрија.
– Не мислам дека постои една група производи за којаможеме да кажеме дека се увезува, затоа што Србија има две многу моќни индустрии, прехрамбена и драдежна, што значи дека голем дел од овие производи доаѓаат директно од Србија. Храната е производ кој редовно и многу често се консумира, и затоа е од големо значење, вели Ставиљеци.
Според податоците на Институтот за статистика на Косово, од Германија се увезува стока во вредност од 300 милиони евра, од Турција 250 милиони, од Кина 233 милиони, од Италија 162 милиона, од Албанија 152 милиона, од Македонија 128 милиона и од Грција 88 милиони евра.
Во трговската размена на Косово со другите земји постои голема несразмерност. Така, за првите десет месеци е увезена стока во вредност од 2,5 милијарди евра, а извезена е стока во вредност од 230 милиони евра, што претставува девет проценти покриеност на увозот со извоз.
Според податоците на Агенцијата за статистика на Косово, најмногу стока е извезено во Албанија, за 43 милиони евра или 18,6 одсто повеќе отколку во истиот период лани.
Во Македонија од Косово е извезена стока во износ од 29 милиони евра или 12,6 отсто повеќе отколку во истиот период лани.