Холанѓанецот Роналд Кумен повеќе не е тренер на Барселона. Ова го објави каталонскиот клуб на својата официјална веб-страница ноќта меѓу 27 и 28 октомври.

– Претседателот на клубот, Жоан Лапорта, ја соопшти одлуката по поразот од Рајо Ваљекано. Роналд Куман ќе се збогува со тимот во четврток. Барселона сака да му се заблагодари на тренерот за неговата работа и да му посака се најдобро во професионалната кариера, стои во соопштението за медиумите.

Куман ја презеде тренерската функција во Барселона во август 2020 година. Под негово водство тимот одигра 67 натпревари на кои се извојувани 40 победи.

Во тековната сезона, Барселона има само пет победи од 13 натпревари во сите натпреварувања.

Барселона има намера да го назначи поранешниот играч од средниот ред на клубот Чави за главен тренер. Каталонците се надеваат дека ќе успеат да ги средат сите детали во текот на денешниот ден, пренесува телевизијата „El Chiringuito“.

Некои од играчите на каталонскиот фудбалски великан веќе разговарале со 41-годишниот стручњак.

Чави најголемиот дел од кариерата го одигра за Барселона (1998-2015) и има освоено 25 трофеи со клубот, вклучувајќи четири победи во Лигата на шампионите и осум титули во шпанското првенство. Во 2015 година се пресели во Ал-Сад, а во 2019 година ја започна својата тренерска кариера во катарскиот клуб и освои седум трофеи со тимот, вклучувајќи го и првенството.

Ноќеска, главниот тренер на Барселона Роналд Куман беше отпуштен по поразот од Рајо Ваљекано. Претходно Барса загуби на домашен терен од Реал Мадрид (1:2) во Класико.

Тимот со 15 освоени бодови на 10 натпревари се наоѓа на 9. место на табелата во Ла Лига. Во Лигата на шампионите Барса има три бода од можни девет и го зазема третото место во групата.