Од 1 декември годинава ќе бидат ставени во функција сите производствени капацитети за електрична енергија со кои располага АД ЕСМ, најавува министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој уверува дека ќе нема никакви проблеми во снабдувањето и со електрична и со топлинска енергија. Се прават и калкулации за цената на струјата од 1 јануари, но Бектеши не очекува значително зголемување за домаќинствата и малите потрошувачи. Остануваат апелите за заштеда на струја од сите, кои кај државните институции во октомври изнесуваат 24 проценти.
-Граѓаните и компаниите да бидат спокојни нема да има никаков проблем во делот на снабдување со електрична енергија. Има план за производство и од 1 декември кога се зголемува потрошувачката ќе бидат ставени во функција сите капацитети кои ги поседува ЕСМ – трите блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, КОГЕЛ, целиот хидропотенцијал и Ветерниот парк во Богданци. Во земјава речиси се е под контрола и не се предвидени никакви рестрикции. Во континуитет сите потрошувачи ќе бидат снабдени со електрична енергија, почнувајќи од домаќинствата се до големите компании кои се на слободен пазар, рече вчера Бектеши.
Како што информираше, подготвен е и се става во мрежа и вториот блок во РЕК Битола, со што ќе се намали количината на увоз на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар. Деновиве треба да пристигне трансформаторот за третиот блок во РЕК Битола по што во мрежа ќе биде ставен и тој блок. Првите делови од трансформаторот пристигнаа вчера. Доколку се намалат цените на дериватите, веднаш ќе биде вклучена во системот и ТЕЦ Неготино.
-Ако моментално го ставиме во функција ТЕЦ Неготино ќе биде поскапо да произведува електрична енергија отколку да се набавува од увоз. Поради цената на мазутот производствената цена на електричната енергија во ТЕЦ Неготино е околу 250 евра за мегават час што е поскапо од моменталните цени на енергијата што можеме да ја набавиме на отворен пазар за потребите на регулираниот пазар, посочи Бектеши.
Енергетскиот биланс што го објави вчера Владата за претходното деноноќие покажува дека АД ЕСМ произвеле 8.529 мегават часови електрична енергија од кои во термоелектраните 7.320, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци 1.209 мегават часови. Во тој период се набавени 4.580 мегават часови струја.
Во меѓувреме, се прават калкулациите за цената на електричната енергија од 1 јануари, а ресорниот министер е убеден дека таа ќе биде намалена за малите потрошувачи. Во делот на домаќинствата ќе се проверува дали има потреба да се интервенира од страна на Владата кај втората или кај третата блок тарифа. За четвртата блок тарифа, министерот Бектеши најави дека ќе бара дополнително да се зголеми цената со цел, како што рече, тие што имаат најголема потреба од пониски цени да бидат покриени од тие што нерационално трошат, а со тоа и можат да го сносат тој товар.
Државните институции во октомври обезбедиле вкупна заштеда на струја од 24 проценти. Со одлука на Владата тие од 1 септември се обврзани месечно да обезбедат минимум 15 проценти заштеди на струја.
Согласно податоците на Електродистрибуција за заштедата на електрична енергија административните згради на Претседателот на државата, Собранието, Владата, министерствата, АД ЕСМ, АД МЕПСО имаат остварено намалена потрошувачка на електрична енергија во просек од 29 отсто, што е повеќе споредено со вкупната заштеда од 20 отсто остварена во септември. Сите институции во октомври имаат најмалку за 15 отсто намалена потрошувачка на електрична енергија што е согласно препораките и задолженијата кои ги донесе Владата. Најмала заштеда има кај Министерството за здравство од 18 отсто, а најголема заштеда има зградата на Министерство за образование до 58 отсто. Заштедата на електрична енергија на Владата изнесува 32 отсто, кај Собранието заштедата во октомври е 22, кај Кабинетот на претседателот на државата 24, кај административната зграда на ЕСМ заштедата е 25, а кај МЕПСО 22 отсто. Ако се земат во предвид податоците вклучително и на сите државни претпријатија, агенции и управи, нагласи, тогаш вкупната заштеда на електрична енергија изнесува 24 отсто.
Податоците за заштеда на електрична енергија кај општините кои имаа препорака да штедат покажуваат дека од 81 општина, 65 постигнале заштеда од најмалку 15 отсто, од кои 12 општини со поголема од 50 отсто. Вкупно 16 општини не постигнале заштеда од 15 отсто, а три имаат поголема потрошувачка во октомври 2022, споредено со октомври 2021 година. Тринаесет општини имаат намалена потрошувачка, но не постигнале заштеда од 15 отсто.
Со одлука на Владата дел од компаниите од прехранбената индустрија, водостопанските претпријатија и основните и средните училишта од 1 декември ќе можат да се снабдуваат со струја по повластени цена преку „ЕСМ продажба“.
Рокот за доставување на потребната документација истекува денеска, а апликации можат да достават околу 1000 компании. Целта на одлуката е да се спречи растот на цените на основните прехранбени производи, да се одржи сигурност и континуитет во снабдувањето со вода и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата во текот на целиот есенски и зимски период.
Во делот на производството на толинската енергија до крајот на месецов се обезбедени потребните количини топланите Исток и Запад да работат само на природен гас, а приоритет, според ресорниот министер, е да не се користи алтернативно гориво.
-Во Законот е предвидено дека треба да има алтернативно гориво за производство на топлинска енергија, а тоа може да биде мазут или дизел, но кога ќе се користи тоа секако дека треба да се запазат процедурите во државава и согласно со лиценцата да се стават во функција ако е потребно. За нас е приоритет да не се доведеме во таква ситуација да треба да користиме алтернативно гориво за топланите Исток и за Запад, со кои ние менаџираме како држава преку ЕСМ. Во делот на топланата Скопје Север има Инспекторат за животна средина доколку работат со мазут или со дизел освен природен гас да ги проверат нивните лиценци и процедурите како ги ставиле овие енергенси во функција, изјави Бекшети.
Во случај топланите во Скопје да се префрлат на користење мазут или дизел според Бектеши ќе се следат сите процедури во делот на животната средина со Инспекторатот за животна средина, Министерството за животна средина и со другите надлежни институции.