Клара и Роза се застарен тип на женски идоли, а еманципирана жена денес сака да се вика Катица или Фатиме, да има голем буџет, а мал отчет. И, ако тоа е правна држава, по истиот пример жената сака и такво правно семејство. Со голем буџет, а мала или никаква обврска некому да се полага сметка
Денес е старомодно да си Роза или Клара, уште се во мода Катица или Фатиме. И Ленче ни малку не звучи лошо. Еманципирана жена денес е таа која има буџет да купи што сака, а за тоа да не полага сметка. Ни на парламентот. И за нејзе е мобинг секое прашање каде и за што ги троши парите. Потпрашањата пак се повеќе и од мобинг. Еманципирана жена денес е таа која в лице ќе ти плесне „ти си нелегитимен“ или „не ти се плашам“. И на тој што и дава се што бара од него.
Така е тоа кога ќе се испомешаат право и политика. Каша, како нашата, која не можат да ја сварат и најотпорните органи за варење бучкуруш, готвен според странски рецепт, забиберен со мирудии од странски кујни и варен во локални тенџериња од локални готвачи. Тогаш настанува кашапопара, како нашата. А за уште поголема иронија, и да биде уште потрагично, таков оброк ни се сервира како здрава храна за здравеење на нашето болно општество. Како диетална. И со двојна намена, демек за слабеење на политика во правото и за дебелеење на правната држава.
Општопознато е дека сите диети за слабеење, и за дебелеење како во нашиот случај, имаат определен рок на примена и траат со строго избројани денови, недели или месеци. Нашава се издолжи со години. Но, и покрај тоа, диеталниот бучкуруш што сме принудени да го голтаме, не само што не дава ефект туку има контраефекти. Освен што вкусот на бучкурушот е никаков од него политиката во правото уште повеќе се дебелее, а правната држава слабее. И ако продолжи со оваа диета, не само што ќе ослабне туку кожа и коски ќе стане правната држава, а сосе нејзе и остатокот од државата…
Кога ќе се испомешаат право и политика, според странски рецепт, како кај нас, она што се случува во главата на државата, се пресликува надолу хиерархиски во сите нејзини органи. Па, наместо подебела и поправна држава, слабее целата. Црвот што ја јаде нејзе почнува да го глода и семејството. Тоа што ни се случува горе, на врвот од државата, почнува како канцер да се шири и во подножјето. Гледаме на телевизија и се еманципираме од идолите. Тоа што таму се случува се пресликува и во семејството.
Па, следејќи што се случува со жената горе и тие долу сакаат како нејзе. Денес жената, од еманципациски агол, не сака да се гледа како Клара (Цеткин) или Роза (Луксембург), туку како Катица или Фатиме… Што е сосема разбирливо. Клара и Роза се застарен тип на женски идоли, а еманципираната жена денес сака да има голем буџет, а никому да не поднесува сметка како и за што го троши. И, ако тоа е правна држава, по истиот пример жената сака и такво правно семејство. Со голем буџет, а мала или никаква обврска некому да се полага сметка…
Сеедно дали дома е Мирјана или Ермира, по примерот на модерните женски идоли, таа порано или подоцна ќе почне да изигрува Катица или Фатиме. Барем така тврди Зоран. Оној мажот на Милица. Тој тврди дека и Илир, мажот на Албана, иако молчи уште и не сака да си признае, ама и кај нив се чувствува силното еманципациско влијание на турските и на серијалите на Катица или Фатиме…
Кажува тој, Зоран, неговата Мирјана почнала дома како да е во парламент. И репликите им станале слични. Вели, од семејството побарала поголем буџет. И добила. Но, ништо специјално, никаков ефект не бил почувствуван. Побарал отчет за што ги троши парите и добил одговор, како во парламентот: „Не си легитимен да ти полагам сметка“.
Тој, пак, упорен, барал објаснување и добил одговор: „Престани да ми правиш мобинг!“ Ама тој не престанал, упорен како координатор на пратеничка група, инсистирал на нејзината обврска таа да објасни каде се трошат семејните пари. Тој упорен, а таа уште поеманципирано и отсечно:„Ако продолжиш со мобинг, ќе си одам!“ И заминала среде семејна дебата. На консултација и да се пожали во амбасадата. Така неофицијално ја викаат куќата на нејзините заштитници, татко и и мајка и…
Така е тоа кога ќе се испомешаат право и политика со странски дозер. Наместо правна и поздрава држава и семејството ќе се разболи. Храната за здравеење, според туѓи рецепт и мирудии, со домашни тенџериња и готвачи, не само што не ја поправа правната држава туку го ослабнува и семејството.
Димитар Грумар