Димитар Грумар

Одеднаш цел Балкан и Европа се загрижени за неправдата кон Македонија, поради недобивањето амин за преговори за влез во ЕУ. Светов изгледа дури и позагрижен од недобивањето влез на Македонија од излез од истата Унија на Велика Британија. И да биде чудото уште поголемо испаѓа како светов да е позасекиран за датумот на Заев отколку самите Македонци.

Канцеларката Меркел сон не ја фаќа поради тоа што (ни) го стори Макрон. Еврокомесарот Хан твита извинувања поради неправдата што е направена од ЕУ. Прсти крши во Грција и Ципрас поради тоа што и е направено на земјата на неговиот личен пријател и колега по Нобелова награда…

Налет да се стори и датум и унии. Ќе го разболиме цел свет, а не само Европа, поради тој проклет датум. Башка еднаш лани „го добивме“ ама на лидерите им испадна некаде од авионот, дента кога се враќаа од Брисел. Тој убав ден кога насмеани ни ја соопштија „радосната вест“, која беше ударна во медиумите, а денес само еден типичен пример за лажна вест.

Но, по првичниот шок од недобивањето датум, само неколку дена потоа, забревта пропагандната машинерија за „неправдата кон Македонија“ со она одвратно „северна“. Денеска под полн гас е вклучена машината за избавување на ЕУ од грешката и неправдата кон Македонија. Од сите страни од Европа доаѓаат вести за секирацијата што им ја создадовме, политичари жалат, медиуми коментираат, кај нас турбо преведуваат, а медиумите пренесуваат…

И одеднаш многу европолитичари и „пријатели на Македонија“ видоа дека е направена неправда со одбивањето да и биде даден датум за преговори на земјата која насила го смени името токму поради тоа. Но, истите тие, ако искрено говорат дека гледаат неправда, зарем не видоа уште поголема неправда кон еден народ и цела земја, насила да и биде сменето името? И тоа по референдум на кој народот го одби тоа и не излезе да гласа за смена на името. Зарем не е направена неправда од актуелното политичко водство кое недемократски ја прекрсти државата за да добие датум?

Но, нашиот народ вели чивија со чивија се истерува. Сега неправдата што е направена од ЕУ кон политичкото водство што направи неправда кон својот народ, ќе се исправа со иницијатива од Италија. Сите пропагандни труби сега се вклучени да му помогнат на Заев, да продолжи со нови ветувања, демек ќе се пишмани Макрон. По Митровден, за Прочка, до Спасовден и… Продолжува приказната и потрагата по изгубениот датум.

Целта на пропагандната машинерија е трубите пуштени на најсилно да ечат и да го подрасположат разочараниот народ, пак да верува дека не е се изгубено и дека Макрон ќе се наведне да брише таму каде што плукнал. И ние да веруваме дека тој ќе се попишмани и ќе ни твитне датум и извинување.

Гласот на трубите ќе станува се посилен, како што ќе наближува датумот на изборите и крајот на „омилениот нобеловски лидер“ во Македонија. Трубите нема да го спасат, но ќе помогнат заблудата кај добар дел од граѓаните, сепак, да остане и да потрае. Кај многу лаги досега уште една мнозина ќе проголтаат.

Кратки и се нозете на лагата и во Македонија. Затоа, еве, експресно доби високи пропагандни ЕУ-штикли, италијанско производство. Во наредниов период ќе ги носи катаден, за да го убедува народот дека и е направена неправда за нозете. И дека на Заевата лага не и се баш толку кратки!