Не етикети, туку да ни ги облепат и предната и задната шофершајбна на колите со тапети, ние сме способни да им докажеме дека можеме да возиме со гордо извадена глава низ прозорецот. Достоинствено. По патиштата на соседот што ги сака нашите евра, но не и нас во нивниот двор
Заѕверени во прозореците на соседите честопати забораваме да си погледаме во сопственото огледало. Оти поважно ни е зошто ним им се бушави косите отколку да ѕирнеме во нашето огледало. И да видиме дека сме нечешлани.
Во понеделникот имав прилика да погледнам во едно наше заматено огледало…
Муабетот почна на излезот од пазарот, а повод беше тоа што во Грција од секогаш давале поцврсти кеси од нашите. Не негирав. Немав ниеден цврст аргумент да се спротиставам. Никогаш не сум наполнил зарзават во Грција да пробам колкава тежина издржуваат грчките најлон-кеси изработени според строгите европски стандарди.
Неквалитетните бели македонски кеси во исончаните раце на пријателот и неговата жена даваа уште посилен контраст на тенот со бакарна боја што, во предсезона во јуни, евтино го купиле од грчкото сонце. Муабетот почна од квалитетот на кесите, па продолжи со туристичка разгледница од Грција, етикетирањето на Македонците, економските кризи и запливавме малку и во поширока меѓународна политка.
И во овој случај, се потврди дека често огледалото ни е подалечно од прозорецот на соседите. Жената на пријателот, задоволна и од престојот и од шопингот, ме убеди дека на одмор потрошиле помалку отколку да седеле дома. А со тоа што на враќање купиле уште нешто евтино дури им испаѓа дека биле и во ќар. Затоа сега во август пак ќе оделе да прикупат уште некој зрак од сонцето кај јужниот сосед.
Чамче-муабетот, што велат скопјани, особено оние што сакаат да истакнат дека се постари и од аквадуктот во Скупи, брзо доби и политичко-патриотски набој:
„Многу Срби летуваат во Грција“, констатира сопругата на пријателот и за да ја допотврди тезата додаде дека се зближиле со некое семејство „из Београда“.
Тоа беше поттик за пријателот да ме бомбардира, како НАТО, со восхит за патриотизмот на Србите, кои за инает одамна не им одат на Црногорците на море, дека Хрватите ги избришале уште од поодамна, а словенечкото приморје никогаш и не им било дестинација. Јас слушам, најлонките со краставици тежат, а пријателот зборува со занес колку „се к`ниња Србите“. Зборуваше со восхит за нивниот потег и патриотизам, на моменти со драматично покачување на тонот:
„А, бе Србите имаат „понос“! Не им се понижуваат на Црногорците! И да знаеш убаво им прават…“
Ех, некогаш, ушите мора да слушаат сешто. Слушам и го гледам пријателот се запали! И „поносно“ гори од патриотизмот на Србите. Просто ужива во казната која тие годиниве наназад му ја изрекле на туризмот на Јадранот. Нормално, не сакав да дотурам бензин на огнот оти имам на ум дека живееме на полуостровот кој е буре барут и дека овде од кавга за најлон-кеси може да избие граѓанска и братоубиствена војна. Во име на пријателските и добрососедски односи, се воздржував, но, за малку ќе ми куртулеше, па ќе одвалев:
„И ние достоинствено им плаќаме на Грците за етикетите што со години ни ги лепат врз нашиот „понос“ и потил, и не обележуваат како нацистите Евреите!“
Се разделивме со пријателите. Го проголтав коментарот, како мој придонес за траен мир на Балканот. И евентуално да му конкурирам на Зоран Заев за Нобелова награда за мир на Балканот. Сигурно пак ќе се најдеме на пазар, можеби и пред да заминат по нова грчка етикета и по квалитетни грчки најлон-кеси…
Одам со моите слаби македонски најлон-кеси кон дома и си мислам: Што е поцврсто – грчките најлон-кеси или ставовите на моите пријатели во врска со патриотизмот?! И се повеќе мислам дека Грците се баш фини, па годиниве наназат ни лепат само етикети. И тоа бесплатно. Треба да ни ги наплатуваат и тоа, не по 10, 15, 20… туку по 100 евра. Така, ем нема да не мачат со ситно, ем нека се знае дека 15-20 евра е прениска цена за достоинството на моите пријатели. Дури, чинам дека годиниве наназад етикетите што ни ги лепеа беа премали, да не речам минијатурни. Треба да ни ги облепуваат и предната и задната шофершајбна на колите. Комплет цело стакло. Оти ние сме способни и така да им покажеме дека со гордо извадена глава низ прозор можеме да возиме, достоинствено, по патиштата на соседот што ги сака нашите евра, но не и нас во нивниот двор.
И само уште ова: личностите не се измислени, а сите сличности со нив се – намерни. Но, не и злонамерни!
Димитар Грумар