Димитар Грумар
Францускиот клуч во рацете на Балканец може да направи чуда!
Во рацете, пак, на Македонец – уште поголеми. Особено од тие што имаат појаки мускули и тие со екстра вишоци енергија и апетит за власт и за уривање.
Овој револуционерен алат служи за затегање ама и за расшрафување. Тој во „вистински раце“ би го дотерал Скопје 2014 поубаво и од Пиколомини. Тие за Скопје 2014 би направиле повеќе и од Нерон за Рим.
Енергијата што е потрошена во фрлањето дрва и камењата врз Скопје 2014, фрлачите да ги употребеа во градежни цели, и како градежен материјал, досега ќе имаа изградено барем еден булевар. Познато е уште од времето на Лудистичкото движење, кога не можеш по газдата удри по машините. Или по нашки „ако не можеш по атот, удри по самарот“.
Сепак, оваа прашина што со години се дига од „уривањето“ ја подгрева уривачката страст и кај тие што никогаш не биле расположени за рушење. Такво е времето. Денес повеќе внимание предизвикува некој што ќе дигне мост во воздух отколку некој што ќе подигне мост од темел. Прашината од урнат мост повеќе скокотка во носот отколку прашината што ја креваат камионите и багерите додека градат мостови.
Поради тоа сега се појавува друг проблем – недостиг на градби кои може да ги задоволат големите уривачки апетити. Човек не може да стигне на ред да урне нешто при толкава мешаница од Мозоци и Мускули со уривачки апетит и страсти. Нема шанса да дојдеш на ред до фонтаната и да урнеш дел од Воинот на коњ оти нему му се намерачени премногу француски клучеви.
Од воинот и коњот што го јава, досега „претопија“ и копита, и потковици и грива… И има едно чудо идеи, кој што би направил со парите од опашката, од копитото, од гривата… Од злато да беше коњот и воинот, па од него не ќе можеше толку да изградат – од детски градинки до фабрики за татковците. И, интересно е тоа што, од него, најголеми зданија (би) направиле тие што со години и децении правеа и изградија едно огромно ништо.
Мешаница е од уривачи и навалица голема. Човек не може на ред да дојде за уривање на било што од Скопје 2014. Француските клучеви навреме си фатиле ред и за булеварите, за мостовите, за музеите… Толкава мешаница, што човек не може да дојде на ред ни Шмизлата да ја кутне!
Сепак има нешто што мудрите пиколомински Глави и Мускули не успеале да резервираат за уривање. И тоа е одлична шанса за тие што задоцниле да застанат во колоната уривачи на Скопје 2014! Тие заборавиле дека метрополата е во трусно подрачје и дека е неопходно градбите да бидат асеизмички. А не се сите! И тука е шансата за тие што доцнат. Досега никој не се сети дека од Институтот за сеизмологија нема дозвола за вториот кат на ниеден од автобусите од Скопје 2014. Вториот кат на сите двокатни автобуси е дивоградба. И ете прилика за секого да урне нешто. Ура! Ајде од Скопје 2014 да направиме поубаво Скопје 1914!
А актуелниот „градител“ на Скопје, Петре Шилегов, убаво ни вети дека ќе ни купи еднокатни автобуси. Наскоро или кога-тогаш. Еднокатни и зглобни кои не само што не загадуваат туку и штедат и се, безмалку, перпетум (авто)мобиле. А тротинетите ни се како бакшиш.