Сите патници кои сакаат да влезат во Соединетите Американски Држави, без разлика дали се вакцинирани или не, мора да имаат негативен тест за Ковид-19, соопшти Белата куќа.
– Ние постојано ги оценуваме нашите одлуки, но сегашните правила за тестирање остануваат на сила, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
Според одлуката на американската Влада, секој што ќе влезе во САД по воздушен пат мора да биде тестиран ден пред летот. Ова се однесува и на граѓаните на САД и на странските патници, без разлика дали се вакцинирани или не.
Правилото не важи за оние кои неодамна боледувале од Ковид-19, доколку тоа можат да го докажат со потврда издадена од лекар или друга здравствена служба.
Исто така, тестирањето не е задолжително за патниците кои летаат внатре во САД, а според одлуката на Федералниот суд, тие повеќе не мора да носат маски додека патуваат.
Најавено е дека правилата во меѓународниот авиосообраќај ќе се менуваат, само доколку здравствените експерти проценат дека тоа е потребно.
Американските туристички компании се спротивставуваат на одлуката на Владата и бараат укинување на задолжителното тестирање за целосно вакцинираните патници.
Авиокомпании, аеродроми, хотели и други претставници на американската туристичка и патничка индустрија минатиот месец испратија писмо до Белата куќа во кое предупредуваат дека рестриктивната мерка ќе предизвика значителни економски загуби.
Во писмото се посочува и дека задолжителното тестирање не е во сила кога станува збор за копнените граници на САД со Канада и Мексико.