Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека очекува натамошна ескалација на војната во Украина, оценувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин не сака да преговара.

– Тој повеќе од јасно дава до знаење дека е надвор од дофатот на рационалните аргументи и вредностите на човештвото. И тој сигурно не сака да преговара, изјави Бербок за медиумската група „Функе“.

Шефицата на германската дипломатија оцени дека ќе има незамисливи последици доколку Украина биде поразена во војната.

– Човештвото мора да победи, истакна Бербок, додавајќи дека безбедноста на Европа и меѓународниот поредок ќе бидат загрозени доколку Русија ја победи Украина.

– Поддршката на Украина е наша сопствена гаранција за безбедност, смета Бербок.

Сепак, таа ја отфрли можноста за испраќање европски копнени трупи во Украина.

Според Бербок, целта на Путин е да го уништи постоењето на Украина како независна, слободна земја и да го вовлече НАТО во војна.

– Од самиот почеток јасно ставивме до знаење дека тоа никогаш нема да го дозволиме, рече таа.

Фото: МИА архива