Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа заедно до двајцата заменици-министри од движењето Беса денеска поднесоа оставки од функциите.

Оставките, како што изјави Хоџа, ги поднесуваат како морален чин и почитување на органите на движењето Беса.

– Поради нарушување на демократијата на локалните избори од страна на дел на оваа Влада на чело со вицепремиерот од ДУИ каде беше повредено правото на демократијата со манипулативни методи и за жал тоа продолжи и во текот на вчерашниот ден кој беше најсрамниот ден за нашата демократија. Затоа поднесувам оставка од функцијата министер заедно со двајцата заменици министри бидејќи не можеме да го идентификуваме нашето политичко дејствување како движење „Беса“ со коалиционен партнер за кој јасно се гледа дека го користи секое недемократско дејствување со единствена цел да остане на власт. Ако во 2016 година беше соборен режим, а другиот дел од режимот не беше соборен, туку доби шанса да се реформира, денес после пет години, се докажа дека не само што не се реформирани, туку ги усовршиле своите методи на класичен режим, изјави Хоџа.

Во моментот, според Хоџа, не е загрозен евроинтегративниот пат на државата, туку загрозена е демократијата и тоа од страна на ДУИ, која, како што рече, треба да се реформира.

Рече дека немале контакт со пратеникот Кастриот Реџепи и не знаат каде е, но очекуваат, како што самиот најавил, да се врати во понеделник и да ги образложи своите постапки.

Постапките на Реџепи, како што рече Хоџа, се спротивни на одлуката на органите на партијата и сигурно ќе има мерки против него.

– Ако тоа е негова одлука, тоа е одлука спротивна од органите на партијата и сигурно ќе има мерки, кажа Хоџа.

Можноста „Алтернатива“ да се приклучи на актуелното парламентарно мнозинство, Хоџа го искоментира како „самоубиство за секоја партија“.