Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува проектот „Безбеден град“ да биде имплементиран на територијата на целата држава до крајот на годинава или најдоцна до почетокот на 2027 година, нагласувајќи дека системот веќе функционира во повеќе градови и оти претставува важна алатка за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на жртви на патиштата.

Системот веќе е воспоставен во Скопје, Куманово, Тетово и во рамки на СВР Велес, а следни за имплементација се СВР Охрид, Струмица и Штип, а до крајот на гоинава и во Битола.

– Скопје, Куманово и Тетово како СВР веќе се покриени. Го пуштивме во употреба во рамки на СВР Велес, тоа е Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Велес. Наредно СВР каде што ќе биде имплементиран е СВР Охрид. Потоа следи СВР Струмица и Штип, и на крајот се надевам дека во рамки на оваа година, или, пак, јануари 2027 година, ќе го имплементираме и на територија на СВР Битола. Тоа е најголемиот предизвик за нас од аспект на мрежно поврзување со централниот систем. Но, како и да е, дали до крајов на оваа година или почетокот на наредна година, во секој случај ќе го имаме имплементирано на територија на цела Македонија – рече министерот во гостувањето во централниот „Дневник“ на Македонската радио-телевизија.

Тој нагласи дека сообраќајната безбедност останува еден од најголемите предизвици, имајќи предвид дека значителен дел од криминалитетот е поврзан токму со сообраќајот.

– Од вкупен криминалитет сторен оваа година, отприлика негде околу 12 000 сторени кривични дела, oколу 4 000 се од делот на сообраќајот. Замислете над 30 отсто од вкупен криминалитет се кривични дела поврзани со сообраќај. Од нив 2 200 се безобзирно управување на моторно возило – истакна министерот.

Според него, и покрај напредокот, бројот на жртви во сообраќајот останува загрижувачки, но трендот покажува подобрување во однос на минатата година.

– Не сум задоволен со ова што сме го направиле до сега. Не сум задоволен заради тоа што и оваа година имаме повеќе од 60 жртви. Но сме подобри од претходната и се надевам дека ако секоја година сме подобри од претходната, навистина ќе може да дојдеме до онаа која што е и светска цел, да имаме нула жртви до 2050 година, која што е и европска стратешка цел – рече Тошковски.

Во однос на честите прекршувања на правилата за користење електрични тротинети од страна на малолетници, министерот оцени дека покрај засилените контроли, клучна е и одговорноста на родителите.

– Најголем број од жртви, причинители на сообраќајни незгоди со електрични тротинети се токму малолетните лица до 17 години. Заради тоа и се одлучивме законската забрана за управување на електрични тротинети да биде заклучно со 18 години. Да, Министерството за внатрешни работи итекако треба поинтензивно да работи на контролата на оние коишто ги управуваат електричните тротинети, но доколку родителот не му го даде електричниот тротинет на малолетникот, тој нема да го управува. Не за џабе забранивме да бидат управувани од страна на малолетниците. Да, ние максимално ќе ги зајакнеме контролите, но навистина совеста на сите, особено на родителите во однос на децата, мора да проработи и едноставно мора да го почитуваме законот – порача Тошковски.

Министерот апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила заради сопствената безбедност, безбедноста на нивните деца и на сите учесници во сообраќајот, нагласувајќи дека институциите остануваат целосно посветени на подобрување на состојбите преку мерки во рамки на проектот „Безбеден град“, унапредување на инфраструктурата и отстранување на критичните сообраќајни точки.

Фото:МИА архива