Бугарската агенција БГНЕС денеска објави фотографија од транспарент на вчерашниот ракометен натпревар во Битола, меѓу екипите на Пелистер и Вардар, нарекувајќи ги „цинични и вулгарни против Бугарите”.

– И покрај сериозното полициско присуство, ниту еден службеник за спроведување на законот не се обиде да ги отстрани или побара симнување на транспарентите. Досега ниту спортската федерација ниту Агенцијата за спорт не го осудиле чинот. Немаше реакција од политичките партии, како и од МНР на Бујар Османи, објави БГНЕС.

Агенцијата објави и фотографија од еден од транспарентите на кои пишува: „Уште пред 20 го уништивме Радко, сега вие ко п…и спиете слатко“.

Агенцијата потсетува дека Радко е првото бугарско здружение во РСМ и е наречено според еден од псевдонимите на Иван Михаилов.

БГНЕС коментира дека начинот и стилот на пишување на транспарентите потсетуваат на оние со кои беа изработени антибугарски транспаренти при посетата на бугарската делегација на Битола на отворањето на Центарот за култура на Здружението „Иван Михаилов“ пред две недели.