Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека конфронтацијата со Кина не е неизбежна, но дека САД мора да ги поддржат сојузниците на кои им се заканува кинеска агресија.

Блинкен тоа го изјави пред состанокот со министрите за надворешни работи на Австралија, Индија и Јапонија, членови на групата Квад (QUAD), основана во средината на 2000 година, за да се спротивстави на зајакнувањето на кинеското влијание во индо-пацифичкиот регион.

На новинарско прашање дали конфликтот со Кина во Индо-Пацификот е неизбежен, Блинкен рече дека „ништо не е неизбежно“.

„Мислам дека ја споделуваме загриженоста дека Кина дејствува поагресивно дома и во регионот во изминатите години, а потенцијално и пошироко“, рече Блинкен.

Неговата посета на регионот има за цел да ги зајакне американските интереси во Азија и неговата намера да се спротивстави на растечката кинеска агресија во регионот. Тој ќе го посети Фиџи и ќе разговара за загриженоста за случувањата околу Северна Кореја со своите јапонски и јужнокорејски колеги на Хаваи. Кинеското Министерство за надворешни работи ги обвини САД дека го користат Квад за да ги принудат другите земји да ги прифатат стандардите на американската демократија.