Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска изјави дека во нашава земја патарините се со ниски цени и порача дека кога ќе се воведат двете нови патарини на автопатот Скопје – Штип, на тие што им е скапо, ќе можат да патуваат преку Велес или преку локалните патишта.

Следниот месец почнува изградбата на двете нови патарини на автопатот Скопје Штип. Едната патарина е во Преод, а другата во Кадрифаково. Со изградбата патувањето ќе поскапи за 120 денари затоа што патарината кај Преод ќе чини 50 денари, а кај Кадрифаково 70 денари. Досега од Скопје до Штип се патуваше за 40 денари – сега 160 денари.

– Цената на патарините законски изнесува 2,57 денари по километар, без разлика дали се работи за еден или друг автопат, патарините се исти, дали кон Гевгелија, Велес или Куманово. Автопатиштата се начин за побрзо и побезбедно движење на граѓаните и за нивно одржување потребно е за тоа да се плати. Граѓаните имаат и втора можност да патуваат преку Велес, или преку регионалните патишта каде нема патарина, рече Бочварски на денешната прес-конференција, коментирајќи ги реакциите на граѓаните дека цените на наплатните рампи ќе бидат високи.

Според Бочварски, Македонија има релативно ниски цени на патарините, а за да имаме квалитетна патна инфраструктура, патиштата треба да се одржуваат и сервисираат тековно, што тоа ја чини државата и граѓаните.