Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, најавува дека Македонија и останатите земји од Западен Балкан нема да добијат преговори со ЕУ во блиска иднина.

Среде разговорите за избор на нови европски власти, коментирајќи дека Бугарката Кристалина Георгиева отпаднала од трката за заменик на Федерика Могерини на местото висок претставник за надворешна политика, Борисов рече дека многу веројатно нема да има покана за земјите од регионот, а Бугарија не сака да биде обвинета дека токму таа го попречува проширувањето, пренесува ТВ Алфа.

-Многу е веројатно земјите на Западен Балкан да не бидат поканети. И тогаш – Косоварите, Албанците, Македонците, Србите… ќе речат дека заради Бугарката не добиле покана, изјави Борисов во Брисел.

Пред крајот на неделава во полскиот Познањ ќе се одржи Самит ЕУ-Западен Балкан, како дел од Берлинскиот процес започнат пред пет години од германската канцеларка Ангела Меркел. Канцеларката, која и самата ќе присуствува на Самитот, повтори дека регионот има европска перспектива, но дека патот е долг и исполнет со камења

-Денес состојбата во Западен Балкан е мирна, но има предизвици кои треба да се решат и потребно е да се исполнат условите за да се подготват земјите за влез во ЕУ. Патот е се уште трнлив, оценува Меркел.

Прашање е дали на самитот во Познањ ќе се случи нешто друго освен повторувањето на заложбите за европска интеграција на македонското соседство, a нашата земја речиси извесно ќе чека барем до октомври за евентуално да добие датум за преговори.

Сепак, иако постојано се повторува дека заради европските избори и песимизмот во неколку важни европски центри, процесот на проширување е блокиран, во пракса се покажува дека блокадата не важи за сите. Србија пред неколку дена го отвори поглавјето девет во преговорите, а влегува во процесот на ревизија за поглавјата 23 и 24, што е јасен показател дека сериозно напредува кон ЕУ и во овој условно кажано, период на стагнација за регионот.

Претседателот Пендаровски и премиерот Заев во повеќе наврати потенцираа дека земјата мора да добие датум до октомври, бидејќи во спротивно во прашање ќе биде доведен кредибилитетот на Унијата, додека шефот на дипломатијата Димитров дури порача дека неуспехот годинава би значел и крај на македонските евро интеграции, објави ТВ Алфа во својата анализа.