Утврдивме дека мора да соработуваме бидејќи се работи за енергетика, се работи за стабилноста на снабдувањето за нашите граѓани, затоа оваа соработка мора да продолжи и да се продлабочи“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во разговор со дописничката на МИА од Атина по завршувањето на првиот квадрилатерален министерски состанок, на кој, освен нашата земја и домаќинот Грција, учествуваа и Бугарија и Србија.

На првиот министерски состанок, што претпладнево се одржа во Атина, министрите од четирите земји разменија мислења за предизвиците на европската и регионалната енергетска безбедност, за зајакнувањето на интерконекциите и енергетската соработка во регионот, како и за потребата од забрзување на стратешките енергетски инфраструктурни проекти.

Министерката Божиновска посочи дека се согласиле оти средбата била одлична можност за четири држави со оглед на тоа што две се членки на Европската Унија, а другите две, ние и Србија, сме кандидати за членство.

Утврдивме дека мора да соработуваме бидејќи се работи за енергетика, се работи за стабилноста на снабдувањето за нашите граѓани, затоа и мора да соработуваме, како што е случај и сега. Рековме дека оваа соработка ќе се продлабочи, односно ние соработуваме и ќе продолжиме да соработуваме и секако дека повеќе ќе се поврзуваме. Стана збор и за градење нови интерконекции, конкретно меѓу Македонија и Грција, евентуално меѓу Македонија и Бугарија, што значи дека имаме зголемен број енергија од обновливи извори и ќе се поврзуваме и понатаму“, нагласи министерката.

Министерката додаде дека дискутирале и за тешкотиите и проблемите, а секако и за соработка, при што биле констатирани заедничките проекти и разгледани можностите за нивно проширување.

Се договоривме дека ова ќе биде регуларен состанок, во септември или октомври ќе се одржи во Белград, понатаму во Скопје, па во Софија. Најмногу зборувавме за гасниот интерконектор, што ќе биде готов в година, а вчера го објавивме тендерот за поврзување со Србија. Така што в година ќе има уште едно поврзување од Грција до Македонија и Србија“, вели Божиновска за МИА.

Паралелно, таа нагласи дека со денешниот состанок е направен добар почеток, ќе се забрзаат активностите со оглед на тоа што постојат доста инвестиции и средства од Европската Унија.

Во однос на тоа дали во актуелниот квадрилатерален состав би можеле да се приклучат и други земји од регионот, рече дека поради Вертикалниот коридор, може да се вклучи и Романија, но сè ќе зависи од политичката ситуација во земјата.

Министерката Божиновска од вчера е во посета на Атина, каде што учествуваше на министерскиот панел „Исполнување на целите до 2030 година – лидерски обврски за енергетската транзиција“, на конференцијата за енергетската транзиција во источен Медитеран и Југоисточна Европа во организација на „Фајненшл тајмс“ и „Катимерини“ заедно со министрите за енергетика на Србија, Албанија, Грузија, Молдавија, Македонија, како и домаќинот Грција, и каде што посочи дека „потребни ни се поголема поврзаност и поголема регионална соработка“.

Денеска, таа и колегите од Србија, Бугарија и Грција, во рамките на првиот енергетски министерски состанок, се согласија да ја продолжат и продлабочат енергетската регионална соработка.