Незаштитени косини, непредвидени клучки и натпатници при изградбата на патот Кичево-Охрид, незавршена експропријација, дисклокација на објекти и водови на делниците Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани … се само дел од проблемите со кои се соочила Владата по преземањето на надлежностите. Оттогаш, велат надлежните, напорно и интензивно се работи на решавање на проблемите со косините и свлечиштата за што ќе се градат 14 галерии.
Рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид останува ист без разлика на проблемите и се очекува тој да биде завршен до крајот на 2026 година и во првиот квартал од наредната да биде целосно функционален. Поради тоа што минатата Влада не сработила ништо за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани рокот ќе биде пролонгиран за 2029 година, кога отприлика се очекува да се заврши и делницата Букојчани-Кичево во должина од 11 километри.
Кога ќе се завршат сите автопатски делници се очекува скратување на патот од Скопје до Охрид за дваесеттина километри, но, многу повеќе ќе се скрати времетраењето на патување и тогаш ова растојание ќе се поминува за еден час и петнаесеттина-дваесет минути, беше истакнато на неодамнешниот увид во изградбата на делниците направен од страна на премиерот Христијан Мицкоски заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈПДП Коце Трајановски.
Поврзувањето е стратешко позиционирање и цел на Владата, нагласуваат и додаваат дека коридорите 8 и 10 се стратешки за државата од многу аспекти и затоа тоа е нивен најголем приоритет.
Иако, изградбата на автопатот Кичево – Охрид е почната одамна, оваа Влада, беше истакнато, затекнала многу лоша состојба со незаштитени косини, непредвидена заштитна ограда, непредвидени клучки и натпатници…
-Дури ни клучка кај Подмоље не беше предвидена за да се врзе со Струга, а да не зборувам за помалите места кои не се така мали. Има села од по 1000 до 3000 жители по цела траса. Не беше предвидено ниту едно исклучување за ниедно село. Не беше предвиден ниту паралелен пат за селата што значи дека покрај тоа што биле исклучени од автопат, немале ниту паралелен. Тоа значи дека целиот регион Копачка и Дебарца ќе ги „умревме“. Дополнително не беше предвидена заштита на косините, па се случувале свлечишта на веќе асфалтиран пат. Галериите што сега ги градиме се најскапа варијанта, но најбезбедна. Парадоксално, не беа предвидени нити две други основни работи, едната е заштитна жица да не паѓаат камења и „банкини’, односно елестична ограда. Затоа беше потребен анекс, бидејќи во спротивно нема да можеше да се пушти патот, затоа што безбедносно никој не би потпишал да се пушти без соодветна заштита, вели вицепремиерот Николоски.
Николоски појаснува дека во изминатиот период на автопатот Охрид-Кичево на новите свлечишта се извршиле дополнителни геоистражни работи врз основа на кои се изработени основни проекти за стабилизација на 14 свлечишта, во вид на т.н. галерија.
-Галериите се исклучително комплициран инженерски потфат со кој се решава проблемот со свлечиштата на автопатот Охрид – Кичево, вели тој.
Додава дека со вкупно 14 галерии на цела траса се гради безбеден автопат кој треба да биде сржта на економијата на западниот дел од земјата.
-Овде ја имаме најголемата косина и најголемото свлечиште на овие две галерии. Претходно има три галерии, три заштити, третата галерија оди на мост, од мостот одиме на косината којашто е целосно заштитена и свлечиштето коешто е под неа. Од тука повторно одиме на мост и од мост директно се влегува во тунелите. Значи, овде практично имаме шест објекти еден после друг што доаѓаат. Имаме три галерии, имаме два моста и една косина и после тоа се влегува во тунелите, рече Николоски при увидот.
Појасни дека осум галерии се од над Кичево до влезот во тунелите и оти има предвидени шест кај Ботун, со тоа што кај Ботун е малку поразлично стабилизирањето, таму се оди директно во земја, односно тие ќе се спуштаат 21 метар под земја. -Чисто да имаме слика, 21 метар е зграда од осум ката. Значи се спуштаме со зграда од осум ката надолу и така ќе се прават стабилизациите. Тие нема да се вака атрактивно видливи како галериите, но материјалот ќе оди долу – вели тој.
Николоски и Мицкоски велат деке треба да се напомене оти ова место било тотално запуштено и дека не се одвивале никакви градежни работи. При увидот на активностите на терен беше истакнато и дека повторно треба да се иницира одговорност за застојот на работите, како што беше речено, пред 20 месеци кога на одредени делови воопшто немало никакви активности.
– Иницирајте од почеток, некој мора да одговара за оваа направена штета врз граѓаните. Ние сега како Влада сме амбициозни, ќе го завршиме, но што ако не беше така? – рече Мицкоски при увидот на работите кај Пресека.
Доколку никој не сноси одговорност за направените штети кај граѓаните, посочува тој, се создава чувство дека се си поминува неказнето.
-Некој мора да одговара за оваа штета направена врз граѓаните. Ние како Влада сме амбициозни, ќе го завршиме, но што ако не беше така? Колку милиони беа претходно заглавени? 600 милиони евра! И никому ништо. И потоа граѓаните се разочаруваат, нормално е да се разочараат. Се потрошиле 600 милиони евра, а нема никаква одговорност, рече Мицкоски.
Николоски појасни дека овде се почнало практично од нула, но оти е многу важно дека се гледа крајот на изградбата.
На автопатот Кичево-Охрид, на делови се асфалтирало, а косините биле оставани незаштитени. Сега тоа се санира, а дополнително се сади и вегетација која ќе треба да спречува ерозија на земјиштето. -Засадени се 200.000 дрвца, претежно бор и јасен, и следиме како се зафаќаат. Фирмата што ги засади гарантира дека 90 проценти од нив треба да успеат, вели Трајановски.
Додава дека претходниците се обиделе да ублажат косини со намалување на аголот, но, нагласува со тоа не се решава проблемот.
-Ублажувањето ништо не значи ако вие не ги стабилизирате или со мрежи или со прскан бетон или како сега со галерии, нагласува тој.
Вели дека тие како надлежни за изградба на автопатските делници се трудат да остават чист фронт за работа на изведувачите со цел тие да не можат да се жалат дека државата не си го завршила својот дел од обврските, како што тоа било случај со претходната Влада. Се оди, вели, чекор – два пред изведувачите, за да не се остава простор да се чека и да трпи изградбата.
-Проблемите мора да ги превенираме. Значи, прво треба да ги детектираме и после тоа да видиме постапка како тие да ги решиме, така што кога ќе дојдат машините, да нема застој за да не може потоа изведувачот да рече: извини, немаше направена експропријација, немаш дислокација, имаш дивоградби и ја мора да стојам, ти мора да ми плаќаш, а во меѓувреме да правиш анекси, а сето тоа чини многу пари, вели директорот на ЈПДП.
Во изградбата на автопатот, како голем предизвик се деловите кај Кичево и Ботун.
– Можеби најголемиот проблем е кај селото Ботун, каде што, за жал, до крајот на 2024 година воопшто не биле изведени геотехнички истражувања. Тие ни покажаа дека земјиштето е со многу лош квалитет. Се работи за многу вода, која е во оваа планина, и главно песоклив терен. За да се заштити тој терен таму, ќе се изведат шест објекти, кои влегуваат длабоко во земјата до 21 метар, појасни Николоски.
За трасата на автопатот Требениште – Ќафасан, доколку има негативен одговор од УНЕСКО, ќе се бара друго техничко решение за да има целина – автопатско поврзување во овој регион. Од клучката Требеништа, која е завршена и пуштена под привремен режим, треба да продолжи новиот автопат Требеништа – Ќафасан, единствената делница од договорот со „Бехтел и Енка“ за која нема активности.
За трасата за автопатот се чека согласност од УНЕСКО, од каде што се очекува посета на крајот на мај или почетокот на следниот месец.
– Имаше и такви што се обидуваа со политиканство и ниски страсти да добијат некакви политички поени, а самиот овој објект, самата оваа клучка, е најголем демант – рече премиерот Мицкоски. Тој потенцира дека ќе се бара друго решение за трасата за Требениште – Ќафасан во случај на негативен одговор од УНЕСКО.
На автопатот Гостивар – Букојчани се работи на 11 од предвидените 31 километар, а реализацијата изнесува 60 проценти. На Тетово – Гостивар, пак, се работи на 14-ина километри од предвидените 17,5, а реализацијата е 8,4 проценти. Од Владата велат дека прават сè за да овозможат изведувачите што побргу да ги завршат овој и другите проекти од пакетот автопати што ги гради „Бехтел и Енка“, од каде што истакнуваат дека имаат активен напредок во изградбата на повеќе од 50 километри од трасата на двата коридори, 8 и 10д.
– За делот од Тетово до Гостивар, во јавноста некако е прифатена перцепцијата дека тоа е автопат, но во суштина тоа е експресен пат. Првпат на оваа делница ќе се изгради автопат. Втората е делницата Гостивар – Букојчани. Нешто што мислам дека за многумина беше незамисливо, а тоа е дека кога било ќе има автопат што ќе ја заобиколи Стража и дека најтешкиот дел од поврзувањето со Охрид и Струга и целиот Коридор 8, а тоа е превојот Стража, ќе биде избегнат. Сега можете да видите тука пред нас како интензивно се работи на мостови, на пробивање на автопатот, на заштита на косините. Навистина се прават исклучително напредни инженерски работи – изјави Николоски.
Главните предизвици во изградбата на автопатот Тетово – Гостивар, како што рече, се многуте водови на кои треба да се направи дислокација, а кај Гостивар – Букојачни има почист терен со помалку дислокации, но е потешко затоа што треба да се заобиколи планинатата Буковиќ, а брзината треба да биде од 90 до 130 километри на час.
-За жал, прехтодната Влада немаше сработено ништо. Во ноември, лани, добивме известување од надзорниот инженер, кој побара да се продолжи рокот за завршување за две години затоа што мора да се компензираат двете изгубени години. Затоа ќе се оди со рок од декември 2029 година, што не значи дека нема да биде и порано, вели Николоски. На автопатот Тетово – Гостивар има многу натпатници, нагласува тој, гравитираат пет општини и треба да се спојат, а мора да го држиме во добра кондиција и постојниот пат.
Вицепремиерот не очекува промени во цената на чинење, но, потенцира, продолжувањето на рокот мора да се направи поради претходната Влада. Експропријацијата е завршена. За Гостивар – Букојачни на седница на Владата е усвоен урбанистичкиот план за вториот дел. Автопатот Гостивар – Букојчани, појасни, мора да се пушти цел затоа што на другата страна нема каде да се излезе доколку не се сработи комплетно.
На автопатската делница Гостивар – Букојчани, генерално, остварен е напредок од речиси 60 проценти на работите. Изградени се кампови за привремено сместување и работа со капацитет за повеќе од 1200 лица, база за подготовка на бетон и префабрикување бетонски елементи за објектите, мост на 7-от километар од почетокот на трасата, на кој може да се вози по двете коловозни ленти. Дополнително, се работи на два моста, натпатник, косини и заштита на косините на патот и се поставуваат потпорни гамбионски ѕидови, пропусти и канали.
За делниците од овој проект досега е завршена експропријација на над 3.000 парцели, од кои 560 до јуни 2024 година, а 2.483 парцели до мај годинава.
За разлика од патот Кичево-Охрид, на делниците што ги гради Бехтел и Енка само што се направила трасата ниту тампон не бил ставен, се работи на стабилизација на косините за да не може да се урушува. Добро во изградбата на овој пат е што материјалот од ископот на делницата Гостивар – Букојчани, се носи и користи за изградба на автопатот Тетово – Гостивар.
На Коридорот 8 најавена е изградба и на автопат од Букојчани до Кичево, во должина од 11 километри. Во тек е избор на изведувач за тој автопат и се очекува да биде завршен за три години. Завршени се 60 проценти од експропријацијата.
Мицкоски смета дека кога ќе се заврши изградбата на автопатите, на пругата на Коридорот 8, модернизација на пругата на Коридорот 10, односно брзата пруга, заедно со енергетското поврзување преку далноводи, поврзувањето со гасната инфраструктура, почнувањето на проектот за нафтоводот, кој со децении ‘рѓосувал и бил оставен на забот на времето, а сега е функционален и служи за транспорт на нафта, односно поврзување на пристаништето Солун со рафинеријата во Скопје, ќе може да кажеме дека сме регионален хаб и оти оттука понатаму ќе се поврзуваат Северна со Јужна Европа, Централна Европа со Медитеранот, Јадранското и Јонското Море со Црното Море. Тоа, вели, е таа стратешка предност што ја имаме како држава.
-Сето ова претставува една амбициозна агенда, но нашиот фокус е сериозен, нашата оптика е силно вперена во овие проекти и така ќе продолжиме во периодот што следува – подвлече премиерот Мицкоски.
Поврзувањето, нагласува, е стратешко позиционирање и цел на Владата. Коридорите 8 и 10 се стратешки за Македонија како држава од многу аспекти и затоа тоа е наш најголем приоритет. Тој најави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува овие проекти и оти очекува дека многу бргу ќе може да биде пуштен преостаниот дел од автопатот Кичево со Охрид, но истовремено и гасоводот со Грција, во првата половина од следната година.
Славица Стефановска за МИА




