Нема да поднесам оставка, ниту се согласувам со ултиматуми и уцени, одговори денеска српската премиерка Ана Брнабиќ во Крагуевац на новинарски прашања како гледа на барањето на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) за оставка на државниот врв.

– Тие не треба да го чекаат 13 април (опозицискиот митинг), може да продолжат да ни се закануваат, да ни кажат дали и мене ќе ми го спречат движењето, дали ќе ја блокираат Владата или мојата куќа, што следно ќе сторат, бидејќи на никакво насилство, ниту на било каква уцена и ултиматум нема да се согласиме, рече Брнабиќ.

Тоа е, рече Брнабиќ, ултиматум на луѓе кои покажаа дека демократијата сакаат да ја спроведат преку насилство на улиците, со бесилки и тестери.

-Не се уплашив, а ниту владата се уплаши од заканите, бесилките и електричните пили. Ние ја почитуваме демократијата, Србија е општество на пристојни и нормални луѓе и никогаш нема да се согласиме со ултиматуми од силеџии и фашисти, истакна Брнабиќ.

Учесниците на протестот „Еден од пет милион“ одржан во Белград во саботата побараа оставка на српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и претседателот на Собранието Маја Гојковиќ, наведувајќи дека ако не бидат исполнети нивните барања, повторно ќе се соберат во сабота, на 13 април, кога ќе му испратат порака на „узурпаторскиот режим“.