Следува период на интензивирање на контактите меѓу Скопје и Софија до одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, преку постојните форми на одржување состаноци, се со цел да се изнајдат најдобри решенија во интерес на постигнувањето на наредните исчекори во процесот на интеграција кон Европската Унија, наведе шефот на дипломатијата Бујар Османи по вчерашната средба во Брисел со неговиот бугарски колега Светлан Стоев.

Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, пак, смета дека брзо ќе се пронајде заеднички јазик со евентуалната нова бугарска влада предводена од Кирил Петков и Асен Василев, за која, како што нагласува, е оптимист дека ќе биде формирана по третите парламентарни избори во земјата.

Оптимизмот за изнаоѓање пробив за прашањето меѓу Софија и Скопје доаѓа по изјавата на Кирил Петков, копретседател на коалицијата „Промената продолжува“ која победи на парламентарните избори во Бугарија, кој синоќа рече дека неговата партија има категоричен став за тоа што треба да се направи во односите меѓу Бугарија и Македонија.

Според Петков, треба да се формираат работни групи од двете земји – Бугарија и Македонија, во кои, според него, треба да бидат вклучени не само историчари, туку и луѓе од бизнисот, културата и образованието. Тој рече дека работните групи нема да разговараат само за историјата, туку и за се што може да го поправи  добрососедски односи меѓу Бугарија и Македонија.

То смета дека работните групи треба да имаат јасни цели и да се состануваат еднаш месечно, а не на шест месеци.

– Бугарија мора да го брани својот национален интерес, а тие мора да го бранат својот интерес, но под заеднички именител дека двете земји имаат што да добијат од добрососедските односи, рече Петков.

Петков не одговори на директното прашање на БНТ дали Бугарија треба да го тргне ветото за Македонија на 14 декември, велејќи дека е невозможно да се зборува за конечни резултати без работен процес и додаде дека овој процес ќе биде највисок приоритет на идното раководство на бугарското МНР, за да не се губи време.

– Не можеме да кажеме овој или оној датум без да видиме како се одвива овој процес. Сакаме да почнеме со добрососедство, добра волја и се надевам дека со многу конструктивност ќе се најде начин да се постигнат многу подобри резултати од досегашните, изјави Петков.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји вчера исто така најави дека по изборите во Софија и во Скопје ќе се направат сите напори за решавање на отворените прашања и формално започнување на пристапните преговори со Македонија и Албанија „до крајот на оваа година“.

Тој порача дека ЕУ мора да продолжи со политиката на проширување кон Западен Балкан, оценувајќи дека таа е „најсилниот инструмент на ЕУ“, додека другиот инструмент, според него, е Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, што, рече тој, мора да се спроведе колку е можно поскоро.

Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, вчера утро се сретна со неговиот македонски колега, Бујар Османи. Борел на прес-конференцијата вчера попладне повтори дека почеток на преговорите со Скопје и Тирана се клучни за кредибилитетот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова било тема на разговор и помеѓу министрите за надворешни работи на ЕУ на редовниот состанок со кој претседаваше денеска Борел.

– Сакаме првата меѓувладина конференција со Албанија и С. Македонија да се одржи што е можно поскоро, со надеж дека тоа ќе биде за време на ова претседателство на ЕУ, до крајот на оваа година затоа што ако не го сториме тоа ќе има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ во целиот регион, изјави Борел во својот воведен говор по министерскиот состанок за надворешни работи на ЕУ денеска.

Османи вчера од Брисел истакна дека со Стоев ја потврдиле важноста и посветеноста кон напредокот во процесот на европската интеграција, регионалната соработка и добрососедството во регионот на Западниот Балкан, а размениле видувања и за последните политички случувања, по завршувањето на изборните циклуси и во двете земји.

– Ја повторивме својата решеност за продолжување на конструктивниот пристап и добрата волја во билатералните односи. Истовремено, ја поздравивме подготвеноста за динамизирање на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со надеж дека Комисијата во наредниот период ќе изнајде начини за постигнување на конкретни резултати, кои се во интерес на двете страни, објави вчера Османи на неговиот Фејсбук профил.

Османи вчера ги посети Брисел и Бриж. Тој ја предупредил ЕУ дека станува неатрактивна за гласачите на Западен Балкан, јавува дописничката на МИА од Брисел. Ова е одговорот на шефот на македонската дипломатија на прашањето дали без преговори во декември постои опасност за Македонија и за целиот регион.

– Мислам дека проблемите ќе почнат кога ЕУ нема да биде победнички тикет за изборите, а ние веќе се движиме на патот да европската идеја не биде веќе победничка. Тогаш е лошото сценарио за целиот регион, кога националистичките, ретроградните реторики ќе излезат на површина, тогаш ќе треба да менаџираме со кризи наместо со иднина, изјави Османи за МИА.

Министерот учествуваше на средба на шесте министри за надворешни работи од Западен Балкан со студентите од Колеџот во Бриж каде се обучуваат идните дипломати и функционери на ЕУ.

Шефот на дипломатијата сподели со МИА дека од средбата со бугарскиот министер добил впечаток дека двете страни одат кон попредвидлива фаза во односите.

– Разменивме мислења за динамиките во двете земји кои што беа турбулентни последниот период, со чувство дека двете држави влегуваат во една предвидливост после изборите, што дава можност за еден пофокусиран пристап во однос на изнаоѓање на решение. Така што ќе треба во наредните денови да продолжат напорите помеѓу двете министерства, во очекување дека брзо ќе се формира политичка влада во Бугарија која според нив сепак е еден важен момент за пронаоѓање решение, рече Османи за МИА, но никој, вели тој, не може да гарантира ништо, а Северна Македонија, поучена од разочарувањата, останува внимателна.

Дури и без нова влада во Бугарија разговори, па и решение, се можни технички и легално, вели тој.

– Легално постои можност посебно во услови кога ќе имаме избран претседател наредната недела меѓутоа многу ќе зависи од составот на таа влада, погледите на различните партии во таа влада. Во секој случај она што го чувствувам во Брисел е дека алармот е вклучен секаде од Брисел до сите краеви на Европа во однос на изнаоѓање на решение оваа година. Тој аларм се слуша и во Вашингтон. Колку тоа ќе вроди со плод веќе никој не може да гарантира, смета министерот.

Османи вели дека еден од тие аларми се информациите кои излегоа во јавноста минатата недела дека францускиот претседател, Емануел Макрон, порачал дека преговорите со Скопје и Тирана мора да започнат до 31 декември најдоцна.

– Затоа реков дека алармот се слуша низ главните градови посебно на западна Европа, за изнаоѓање на решение пред завршетокот на оваа година, такви се информациите дека посветеноста е да се прават сите напори до крајот на оваа година. Во таа динамика сме влезени и ние но после толку разочарувања во минатото никој не може да гарантира со сигурност но ние работиме како следниот чекор да ни е декември, додаде тој.

Сепак за Македонија нема и нема да има алтернатива за ЕУ, повторува Османи:

– План Б не постои ни географски ни политички ни од било кој аспект. Ние сме дел од Европа, ќе бидеме дел еден од ЕУ. Не сакам со ова да ги оправдам овие спори чекори на Европа по однос на проширувањето, но да ги земеме примерите на Шпанија која чекаше 25 години за членство од денот на апликацијатаили една Велика Британија која што беше два пати одбиена и чекаше децении за членство. Ќе мора да издржиме на тој пат затоа што немаме алтернатива. Се разбира дека ќе имаме алтернативни планови како до целта но не алтернатива за ЕУ, вели Османи.

Во исто време, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, рече дека можната нова влада во Бугарија вели оти ни треба нов пристап и оти ние ќе го имаме истиот дух на добрососедство, на отвореност и истата желба да најдеме решенија и да тргнеме напред. Според неа, „ако има и половина од тој дух и на бугарска страна, како што гледаме деновиве, можно е да видиме и пресврт“.

Таа оцени дека новиот пристап во односите со Софија ќе биде корисен и за нас и за нив. Охрабрувачки се, нагласи таа, изјавите дадени во изминатиот период и резултатот од бугарските избори, затоа што, како што рече, Бугарија се доведе во ситуација да не блокира нас и Албанија, но на некој начин да се блокира и себе си.

Бучковски, пак, рече дека пристапот што го промовира Петков, е форсиран од македонската страна, од моментот кога станал специјален претставник на Владата.

– Ја наследив веќе подготвената патна карта која ја усогласивме, и каде што се обидувавме преку активностите кои што ги правеше нашето МНР, да бидеме многу попрагматични и многу попродуктивни. Овде, затоа што говори и Петков дека е ова работен процес и не знае работните групи колку брзо ќе се усогласат, а јас знам дека веќе имаме документ кој може да одговори на овие барања, мислам дека брзо би нашле заеднички јазик, рече синоќа Бучковски во дебатната емисија „Топ тема“ на ТВ Телма.

Бучковски нагласи дека сепак клучното прашање е дали ќе се успее тоа да се постигне до 14 декември. Има вели тој, охрабрувачки сигнали, за нова стратегија од бугарска страна која, според него, би и одговарала на земјава. Но, како што нагласува, треба да ни биде јасно оти времето не ни е сојузник.

Во меѓувреме, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија им дава „полна поддршка“ на Македонија и Албанија да добијат датум за почеток на преговорите со ЕУ, бидејќи тие тоа „целосно го заслужиле“.

– Во разговорите со партнерите од ЕУ секогаш нагласуваме дека во интерес на просперитетот на регионот е овие земји да добијат датум за почеток на преговорите што е можно поскоро, но исто така е исклучително важно ЕУ да работи со Босна и Херцеговина за да таа не биде запоставена, кажа Брнабиќ.

Таа ги повика сите на Балканот кои немаат пристапено во „Отворен Балкан“, вклучително и Косово, да се приклучат на иницијативата, истакнувајќи дека поканата е постојано отворена.