Тајванската претседателка Цаи Инг-вен денеска објави дека ќе ги зајакне воените врски на островот со САД за да го запре „ширењето на авторитаризмот“.

„Тајван и САД продолжуваат да ја зајакнуваат воената размена“, рече таа по состанокот со членовите на американскиот Конгрес кои се во посета на главниот град на островот, Тајпеј.

Претседателката нагласи дека „Тајван уште поактивно ќе соработува со САД и другите демократски партнери во соочувањето со меѓународните предизвици како што се ширењето на авторитаризмот и климатските промени“, но не прецизира во што ќе се состои таа идна размена.

Петдневната посета на членовите на американскиот Конгрес уследи откако претходно, во петокот, висок функционер на американското Министерство за одбрана задолжен за односите со Кина во Пентагон, го посети Тајван, објави Фајненшл тајмс.