Секој човек, секоја жена треба да се чуствува безбедно во својот дом и средината во која живее, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која денеска заедно со вицепремиерката Радмила Шекеринска посетија еден од шелтер-центрите во кои се засолнети жртви на семејно насилство.
Царовска ги повика жртвите да го пријавуваат насилството и да бараат заштита од државата. Царовска рече дека за да може успешно да се спроведе ратификуваната Истанбулска конвенција, потребна е и постојана соработка меѓу институциите.
-Секој човек, секоја жена треба да се чуствува безбедно во својот дом и средината во која живее. Ова е основно право и сигурност што ние како држава мора да ги гарантираме. За да ја реализираме оваа цел, мора да работиме сите заедно и да воспоставиме ефикасни механизми, но и тесна соработка со невладиниот сектор и сите засегнати страни. Паралелно, Истанбулската конвенција ни дава рамка за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така и превенција, подигнување на јавната свест, како и воспоставување институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство и нивна повторна интеграција во општеството, изјави Царовска.
МТСП воведува „управување со случај“, за кој социјалните работници поминаа обука за да може успешно да препознаваат социјален ризик во семејствата, но и да ги менаџираат и решаваат ваквите предизвици.
Инаку, во моментот функционираат четири регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а дејноста на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе е проширена и со жртви на сексуално насилство, каде што згрижувањето трае до 6 месеци. МТСП инвестира и во објект во кој ќе биде сместен Центар за советување жртви на насилство во Општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и Скопје се отворени и три центри за жртви на сексуално насилство.
Во соработка со граѓанскиот сектор, Министерството финансира Центар за лица жртви на семејно насилство, Кризен центар 24/48 часа и Национална мобилна СОС линија, кои се менаџирани од страна на граѓански здруженија. Во Центарот за лица жртви на семејно насилство работи тим од стручни лица, кои освен задоволување на основната потреба на жртвата (и нејзините деца) за сместување во засолниште, се реализира и активностите за психо-социјална помош, поддршка и други активности содржани во планот за индивидуална работа, изготвен во Центарот за социјална работа. Стручните работници постојано го следат и евалуираат прогресот на активностите согласно планот, и за секоја промена на состојбата на жртвата го информираат месно-надлежниот Центар за социјална работа.
Согласно статистиката на Министерството за труд и социјална работа во 2018 година вкупниот број на новоевидентирани жртви на семејно насилство изнесува 919 лица од кои 665 се жени, 140 мажи и 104 се деца