Во тек се завршните активности за реализација на спортско адреналинскиот парк во општина Карпош.

Вицепремиерката за економски прашања во заминување, Мила Царовска денеска изврши увид во овие активности и истакна дека паркот се гради на локација која одамна била запуштена, а нуди голем број спортски и рекреативни содржини за децата, младите, но и за возрасните.

Паркот е дел од проектот за локална и регионална конкурентност, финансисиран со средства од Владата, општина Карпош и Делегацијата на ЕУ, а е во соработа со канцеларијата на Светска банка. За оваа инвестиција, како што посочи Царовска, обезбедени се над 55 милиони денари.

-Владата и општината Карпош, со помош од Европската Унија и од Светската банка обезбедија повеќе од 55 милиони денари, за да се инвестираат на оваа локација и со тоа во Скопје и општина Карпош добиваме едно современо место за рекреативни спортови, но исто така и за адреналински спортови, што е значајно, затоа што за првпат имаме можност да се даде ваква понуда на жителите на овој простор. Јас се надевам дека на истиот начин и понатаму ќе ги поддржуваме локалните самоуправи и дека тие ќе имаат што подобра понуда за своите жители, потенцираше Царовска.

Градоначалникот на општината, Стефан Богоев кој исто така денеска го посети паркот рече дека очекува наскоро да биде извршен технички прием на спортско-адреналинскиот парк на кејот на реката Вардар, по што паркот и официјално ќе биде пуштен во употреба.

Покрај адреналинскиот дел, Богоев посочи дека ќе има и нови игралишта за фудбал и одбојка на песок, скејт парк, детско игралиште, нов сквер, нова урбана опрема, клупи и корпи, како и дополнително зеленило, посадени околу 70 дрвја, тревни површини и системи за наводнување.

Додаде дека се извршени обуки на сите луѓе кои ќе работат во спортско-адреналинскиот парк, кои доминантно доаѓаат од Македонската спортска качувачка федерација и посочи дека на овој парк се надоврзува рекреативниот парк од 75 илјади метри квадратни, а кој општина Карпош го реализира заедно со градот Скопје.

Раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, по посетата на паркот, изрази задоволство од сработеното и кажа дека реализацијата на овој проект на дело ја покажува соработката меѓу Делегацијата на Европската Унија со централната и локалните власти во земјава.