Турција со нетрпение очекува да и посака добредојде на Република Македонија во семејството на НАТО, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција во Анкара по средбата со неговиот македонски колега Никола Димитров.

Чавушоглу нагласи дека стабилноста на Македонија е клучна за стабилноста на Балканот, на што Турција придава големо значење и обезбедува поддршка за неговиот економски раст.

Прашан за Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, Чавушоглу рече дека Турција ќе ја почитува одлуката на македонскиот Парламент.

-Ние ги следиме случувањата поврзани со договорот со Грција. Ќе ја почитуваме одлуката на македонските граѓани и на македонскиот Парламент и во наредниот период ќе продолжиме да ја признаваме Македонија под нејзиното уставно име. Ова е одлука на македонската Влада и се надевам дека со неа ќе бидат отстратени пречките за нејзиниот пат кон Европа, рече Чавушоглу.

Истакна дека Турција и Македонија имаат силни врски кои датираат од пред многу векови, нагласувајќи дека и билатералните политички релации се одлични.

Тој се заблагодари за поддршката што Македонија и ја дала на Турција за време на обидот за државен удар.

-Никогаш нема да ја заборавиме поддршката што Македонија ни ја даде по обидот за државен удар, рече Чавушоглу.

За време на разговорите, како што соопшти македонското МНР, Димитров се осврнал на напорите на земјата за членство воНАТО и ЕУ.

-Ги затвораме отворените прашања со цел да ја извадиме Македонија од равенката на несигурност, преку членството во НАТО и ЕУ. Во исто време не смееме да ги заборавиме нашите пријатели кои не’ поддржуваат на тој пат од самиот почеток, истакнал Димитров.

На средбата во насока на натамошно градење на блиски, пријателски и партнерски меѓусебни односи, се дискутирало за можностите за подобрување на соработката во економијата, инвестициите, образованието, културата итн. На крајот на средбата двајцата министри потпишале Меморандум за соработка во областа на информатичките технологии и дипломатските архиви помеѓу Министерствата за надворешни работи на двете земји.

Министерот Димитров денеска се сретнал и со претседателот на Големото народно Собрание на Република Турција, Бинали Јилдирим, со кого размеиле ставови за унапредување на комуникациите меѓу највисоките законодавни тела во двете држави во сферата на парламентарната дипломатија и особено поттикнувањето на конкретни и заеднички активности помеѓу Групите за пријателство и повеќе комисии во двата Парламенти.

Предвидено е тој за време на посетата на Турција да има средби со министерот за одбрана, Хулуси Акар и високи претставници во Кабинетот на претседателот Ердоган.