Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чуавушоглу изјави дека денешната средба на шефовите на дипломатиите на Украина и на Русија во Турција се одржала на „цивилизиран начин“ и покрај сите проблеми, а најважниот исход од разговорите е воспоставувањето контакт.

На прес-конференција по средбата на Дмитриј Кулеба и Сергеј Лавров во Анталија, Чавушоглу истакна дека има потреба од воспоставување хуманитарен коридор од украинскиот град Мариупол, како и одржлив прекин на огнот.

Шефот на турската дипломатија порача дека од една средба не треба да се очекуваат чуда.

– Важно е што средбата се одржа на политичко ниво. Состанокот беше комплексен, но се одржа на цивилизиран начин, страните не го кренаа гласот, нивото на тензија не се зголеми за време на преговорите, нагласи Чавушоглу.

Тој посочи дека Турција сака дипломатско решение за ситуацијата во Украина и дека во таков конфликт нема да има победник.

Според него, Москва и Киев начелно не се против самит, а Кулеба дури изразил подготвеност за таква средба.