Задоволни сме од владината одлука за вработување на приватни специјални, но повеќе информации како ќе се одвива целиот овој процес очекуваме на утрешната средба со министерот за здравство Арбен Таравари, изјави за МИА Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.
Таа соопшти дека утре во 10 часот ќе остварат средба со министерот Таравари во просториите на Министерството за здравство.
-Ние за утре имаме закажано средба со министерот за здравство Арбен Таравари, па претпоставувам дека на таа средба ќе се дискутира подетално
како ќе се одвиваат тие вработувања. Прочитавме дека ќе бидат 300 оваа година, а 300 следната. Утре очекуваме да се прецизира кои ќе бидат првата група на вработувања, што ќе биде со оние колеги кои нема да бидат опфатени во првата етапа на вработување итн. Вработувањето како точка беше едно од нашите барања, но мора да видиме како ќе се одвиваат тие вработувања, на кој начин, што со оние колеги кои нема да бидат опфатени со вработувањето, дали нив ќе им бидат покачени платите и како ќе се одвива. Да видиме која е нивната замисла, рече Илиоска Чешлароска и најави подетални информации по утрешниот состанок.