Решеност да оди до крај за Договорот од Преспа изрази грчкиот премиер Алексис Ципрас, порачувајќи дека исто како што соседите не се повлекоа, така и Грција нема да се повлече.

Говорејќи на конференција посветена на Договорот од Преспа, само неколку часа по заминувањето на Панос Каменос од коалициската Влада, а на два дена по изгласаните уставни измени кај нас, Ципрас му честиташе на неговиот македонски колега Зоран Заев, и рече дека со договорот, Грција се ослободила од логиката на национализмот и квазипатриотизмот за едно толку критично национално прашање, а „истото беше направено и од другата страна на границата“, јави МИА од Атина.

-Истото го постигна и Зоран Заев со неговата Влада, запечатувајќи го целиот обид со храбрата уставна ревизија преку која се обезбедува долгорочноста на овој договор. Дозволете ми да му честитам од овде, бидејќи е прв пат што говорам по позитивното завршување на процесот во Скопје. Дозволете ми да му честитам на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, за куражот, за храброста што ги покажа од почетокот до крајот на овој процес. Да му честитам бидејќи не се повлече пред националистичките протести на омраза кои таму ги организираше ВМРО, партнерот на Нова демократија во Европската народна партија, што инвестираше во насилство и во провокација на политичка аномалија обидувајќи се да го поништи овој историски обид, рече грчкиот премиер.

Алексис Ципрас ја искористи можноста да упати порака до Грците дека нема да се повлече.

-Сакам да пренесам и една порака до грчките граѓани, а особено до секој грчки граѓанин што слободно размислува, независно на неговите политички убедувања. Како што таму не се повлекоа, ниту ние ќе се повлечеме. И ова го кажувам бидејќи со слични планови за политичка дестабилизација се соочувавме и се соочуваме и овде, во нашата земја и тоа од прв момент, порача Ципрас, споменувајќи ги проблемите со кои требаше да се справи Грција, како говорот на омраза, злоупотребата на учениците, но и последниот случај со објавувањето на лични податоци на пратеници кои што го поддржуваат Договорот од Преспа.

Грчкиот премиер рече дека договорот е историски, национално корисен и патриотски.

На конференцијата посветена на Договорот од Преспа, што се одржа во концертната сала во Атина, присутни беа речиси сите министри од редовите на СИРИЗА, пратеникот од Независни Грци Танасис Папахрисопулос, а на еден од панелите говореше и пратеникот од Река, Спирос Данелис кој отворено го поддржува Договорот од Преспа.