Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ на ФБ:

КРЛЕЖОТ Е КРЛЕЖ. Како сè повеќе доаѓа во прашање заштитата на Охридското Езеро, така сè повеќе можат да се слушнат бизарни мислења.

(1) Едмонд Адеми, министер со непознат домен на работа, изјави дека дивоградбите не биле бројни. На прсти можеле да се избројат. Нека е и така, макар не е така. Сепак, останува фактот дека дивоградбата/крлежот е крлеж, макар бил и само еден, и дека колку повеќе се толерира, толку повеќе се вгнездува во ткивото на организмот, труејќи го и ширејќи се.
(2) Почнува гласно да се говори дека законот за заштита на Охрид ќе се носел со Бадентерово мнозинство. Што значи, по етнички, национален клуч, како природата и последиците од нејзината загаденост да знаат за нации, па делуваат селективно – етнички! Освен, се разбира, ако не се работи за реликт од минатото, кога во ’90-те години во Македонија се појави единствен феномен – еднонационални труења. Учениците, од исто училиште, беа труени (односно, нетруени) според етничката припадност. „Отровната“ супстанца влијаеше на едните ученици, на другите не. Тој срам, како и таа невидена манипулација со душите на децата, никогаш не ќе бидат заборавени. Влезени се во историјата на човековата бизарност. Дотолку понесфатливо е барањето законот за заштита на Охрид да се носи со Бадентерово мнозинство. Меѓутоа, „Македонија и сè е можно!“

Циркусот и натаму патува. Некои (види чудо!) почнуваат да се будат и да се бунат.