Даштевски наведе повеќе причини за големите гужви пред избирачките места, како на пример дека избирачкиот список има дупло повеќе страни, поради рекордната бројка на гласачи. Право на глас имаат 1.824.864 гласачи, што е најмногу од сите локални избори досега и пораст од 10.220 гласачи во однос на изборите во 2017.

– Исто така, проверката на идентитет оди поспоро оти една четвртина од отпечатоците кои ги добивме од Министерството за внатрешни работи (МВР) се со лош квалитет. Имаме и ковид мерки, не смеат да се пуштаат многу луѓе во просториите. Насоката е да се пуштаат онолку гласачи колку што има паравани. Сакам да порачам дека гласањето ќе продолжи за сите кои се нашле во дворот на гласачкото место и после 19 часот. Оградата ќе се затвори, и сите кои ќе бидат затекнати во дворот ќе гласаат, рече Даштевски.