Ѓорѓи ИЛИЕВСКИ

Мајсторите (sидари) од дебарскиот крај, како печалбари, освен во Солун, оделе во Србија, Романија и во други држави. По ослободувањето на Бугарија, тие почнале помасовно да одат таму, а особено во престолнината Софија. Така, дебарските мајстори тргнале да работат во Бугарија. Дебарските мајстори сами правеле планови за куќите кои ги пазареле, се разбира според потребите и можностите на сопственикот, а потоа се пазареле за цената. Дебарските градежници, кога граделе, не мислеле колку ќе спечалат, туку се натпреварувале кој поздрава и поубава куќа ќе изгради, со поубав архитектонски изглед, за да послужи како реклама. Тие што сакаат да градат, сами оделе кај препорачаниот мајстор кој со гордост изговарал: „Јас имам огледала во градот, појдете и видете ги изградените куќи. Ако ви се допаднат, елате да се договориме и да ви направиме куќа за цел живот, па дури и за внуците“.

Меѓу познатите дебарски градители  спаѓаат: Андон Алтипармаков-с. Баница, Милош Георгиев. Крчишта, Крсто Спасов-с. Пареше, Петко Пепо Радев – с. Вапа, Тасе Трајков Деолски-с. Деолане, Спиро Арсов-с. Деолане, Петко Мерџанов-с. Крчишта, Трпе Костов-с. Крчишта, Христо Спасов-с. Рбеле, Лазар Блажев-с. Крчишта, Никола Блажев-с. Крчишта, Неделко Арнаудов-с. Деолане, Гаврил Иванов-с.Деолане, Јоле и Спиро Смилеви-с. Јанче, Андон и Харитон Новкови-с. Кривци, Даме Жорновски-с. Жорноница, Теофил пашата-с. Елховец, Стефан Ив.Стрезовски-с. Рбеле, Толе Димитров-с. град Елевци, Спиро Димитров-с. град Елевци, Арсо Мојсов-с. Баница, Ставре Иванов-с. Баница, Јанко Тасев-с. Нерези, Аврам Спасов-с. Пареше, Коста и Павел Баковски-с. Рбеле, Георги Томов-с. Селце-река, Хаџи Георги Х. Илов-гр. Дебар, Апостол Божинов-с .Селце-река, Теофил Аврамов-с. Селце река, Тасе Х Илов- г. Дебар, Спиро Х. Илов- г. Дебар, Ламбе Тасев Х. Георгиев-г. Дебар, Тодор Огњанов-с. Галичник, Јаким Станишев-с. Галичник, Стефан Атанасов-с. Рајчица, Деспот Косоврашки-с. Косоврасти, Димитар Станишев-с. Галичникм Ило Видикев и брат му-с. Луково, Андреја Гр. Симеоновски-г. Дебар, Танаско Танасков-с. Баница, Нестор Петров-с. Селци-Жупа, Ѓорче Ангелов-г. Дебар, Манол Иванов-с. Крчишта, Трпе Георинов-с.Макеларе, Трпе Иванов-с. Крчишта, Иван Хр.Спасов-с. Рбеле, Блаже Алексов-с. Рбеле, Гаврил Алексов-с. Рбеле, Јоан Котев-с. Рбеле, Ѓурчин Велев-с. Вапа, Величко Стојанов-г. Дебар, Ване и Србо Д. Спасови-с. Пареше, Гале Диков-с. Селци река, Спасе Зафиров-с. Деолане, Никола Филиповски-с. Рбеле.

Овие мајстори како печалбари оделе во Стамбол и други градови во Османлиската империја. По ослободувањето на Србија и Бугарија, тие почнале редовно и масовно да одат во тие земји. Мајсторите од селата на нахијата (областа) дебарски Дримкол работеле освен како градежници, уште и како каменоресци. Тие работеле на мостови, споменци и други објекти од камен. По пристигнувањето  во Софија, тие иако не биле геолози, се обиделе да пронајдат наоѓалишта за делкање на камен. Притоа првично работеле во старото наоѓалиште за делкање камен наречен „Таш кесен“ во Ботевградско. Оттаму носеле обработен камен за софиските државни институции, но и за приватни куќи. Од тие камења се изградени цоклињата, корнизите и другите делови на Руската легација, на Земјоделската банка и други градби.

По напуштањето на наоѓалиштето „Таш кесен“ биле откриени нови наоѓалишта од гранитен камен во близината на Софија, поточно на Витоша. Овој камен бил потврд, поиздржлив и главно блиску до Софија. Многумина од овие мајстори во Бугарија ги повлекле и своите семејствата од Дебарско. Многу од нив се населиле во Софија и во селото Владаја-Софиско. Подоцна биле отворени нови наоѓалишта во софиските села Церово и Бојана. Некои од дебарските мајстори се занимавале со изработка на мермерни творби и разни архитектонско – уметничи релјефи. Тие откриле неколку мермерни наоѓалишта. Покрај тоа, увезувале мермер од странство, притоа создавање свои работилници за обработка на мермер. Всушност, тие дебранци ја издигнале оваа уметност и ги потиснале италијанските мајстори кои се занимавале со оваа професија во Бугарија.

По Првата светска војна, дебранците, создале кадар и од месни  мајстори -каменоресци. До 1925 година, каменореството имало голем успех и немало куќа што не се градела од камен. Меѓутоа, подоцна, изградбата на зградите се промениле. Притоа наместо камен, за цоклињата, столбовите и корнизите се практикува бетонот. Врз бетонските цоклиња и корнизи се правеле имитација на камен, при што се изработувале мозаици и друго. Така, некогашниот камен заменет со цемент, кој на изглед бил поубав, но далеку понеотпорен од каменот. Дебарските специјалисти по гипсената работа со својот уметнички талент ги дополнувале украсите на зградите во Софија и во внатрешноста. Тие ги задоволувале архитектите со своето уметничко творештво при изработката на таваните, sидовите и столбовите на монументалните државни, општествен и приватни згради и куќи.

Меѓу поистакнатите мајстори  на ова своевидна уметност се вбројуваат: Гаврил Деспотов, Дечо Г. Деспотов и Димитар Попов од с. Крчишта, дебарско. Потоа, Ѓорче Грашев и Кузман Георгиев (Чавчето) од Дебар, Кољо и Левко Тодорови од с. Вапа, Кољо и Ламбе Шерчеви од с. Осолница и др.

Во меѓувреме, во Бугарија дошле мајстори и од Kрушево, од  Смилево, од селата Папрадиште и Ореше (Велешко). Но треба да се нагласи дека сите влечат мијачки корени. Меѓу таквите треба да се споменат: Андон Станков, Андреја Арсов, Андон Аврамов и Петар Терзиев од с. Папрадишта. Потоа, Браќата Васовски, Христо Бабинов, Иван Гјумбаба, Сотир Андонов и Иван Мицев од градот Крушево. Како и Ѓорчe и Tомо  Герданови, Никола Томалев, Андон Силјановски, Христо Димов Томалевски, Никола Чупаров, Kоста Трајков и Димитар Неделков сите од Крушево. Кочо Новев од с. Смилево и други. Во Османлискиот период Георги Илиов и неговите синови Тасе и Ило и синот на Ило – Спиро, во Дебар ги граделе и украсувале сараите, салоните и харемите на беговите и агите, се разбира според ориенталниот вкус. Тогаш Ламбе, синот на Тасе Х. Георгиев учел заедно со Ахмет Зогу, идниот крал на Албанија и во слободното време од татко му и чичковците го учеле занаетот-градењето, но пред се, како уметничка творба. Славата на Ламбе се проширила не само како добар уметник, туку и како убавец. Кога ги градел турските конаци анамите од харемите го гледале низ прозорците, а истото го правеле и христијанките кога минувале по улиците, па тие кришум фрлале погледи преку чардаците.

Во Балканските војни кога српската армија отстапувала кон Дебар, побогатите Турци – аги и бегови си ги собирале парите и богатството, ја минале реката Црн Дрим и се упатиле кон Тирана, каде некои од нив останале да живеат. Токму овие дебарски Турци, подоцна почнале да ги канат дебарските мајстори да градат во Тирана. Во таа смисла бил поканет и мајсторот Ламбе. Во Тирана живеел и Ахмед Зогу. То,ј кога станал крал на Албанија, решил да изгради дворец во престолнината и вила во едно летувалиште на Јадранско Море. За таа цел, иако имало италијански архитекти, тој работата и изградбата му ја доверил на Ламбе Х. Георгиев. Тој за три години го изградил дворецот и вилата. Притоа, двата објекта однадвор имале прекрасна фасада, а внатрешноста била украсена со разни релјефи и резби. Овој самоук уметник (Ламбе) одлично се справил со одговорната задача и ја оправдал довербата на кралот. Италијанските архитекти и уметници кога  ја виделе неговата градба го изедначувале со самоукиот Микеланѓело. За таа заслуга кралот Ахмет Зогу го прогласил Ламбе за дворски архитект. Три години подоцна (1928) Ламбе Тасев Х. Георгиев загинал.

Поради неговата смрт, кралот Зогу прогласил тридневна дворска жалост. Покрај тоа, Зогу во иднина ги потпомагал децата на мајсторот Ламбе. Неговата ќерка Љуба дипломирала на Медицинскиот факултет, а синот Славе завршил Земјоделски факултет и станал фудбалски тренер во Тирана.

(авторот е виш просветен инспектор, текстот е извадок од неговата книга „Дебар и дебарско низ историјата“)