Британскиот јавен сервис Би-Би–Си соопшти денеска дека му е укината суспензијата на водителот и поранешен англиски фудбалски репрезентативец Гери Линекер, кој претходно на Твитер ја критикуваше новата политика на британската Влада во врска со мигрантите.

„Гери е ценет дел од Би-Би-Си и знам колку Би–Би–Си му значи на Гери, и се радувам што тој ќе ја води емисијата претстојниот викенд“, рече директорот на британскиот јавен сервис Тим Дејви.

Би-Би-Си беше принуден да го откаже поголемиот дел од својата викенд спортска програма, откако коментатори, аналитичари и играчи во Премиер лигата одбија да се појават во знак на поддршка на Линекер.

Прославениот англиски фудбалер е најплатен водител на британскиот јавен сервис на кој ја води емисијата „Натпревар на денот“ (Match of the Day).

Линекер беше суспендиран во петокот откако го спореди речник на британската Влада за мигрантите со тој што беше користен во нацистичка Германија во 30-те години од минатиот век.