Денеска е 9 ноември (по стар стил) и се слави Преподобен Јован Колов.

Се вбројува меѓу најголемите египетски подвижници. „Колов“ значи малечок, а тој беше малечок по раст. Во Скитот дојде заедно со својот брат Данило и со преголема ревност се предаваше на подвиг, така што брат му Данило мораше да го насочува на умереност.

Му беше ученик на свети Памво, а подоцна на свети Арсениј Велики. Негов соученик кај свети Памво беше свети Паисиј Велики.

Еднаш, додека тој и Паисиј разговараа на каков начин да преземат подвиг, им се јави ангел Божји и му нареди на Јован да остане на своето место и да ги поучува другите, а на Паисиј да оди во пустината и да живее како пустиник.

За да ја испита послушноста на Јован, свети Памво му нареди да залева еден сув стап забоден во земја, сè додека не зазелени. Без размислување и сомневање, Јован го залеваше ова суво дрво три години секој ден, додека навистина, со Божјата сила, не се раззелени и донесе плод.

Тогаш, Памво ги собра плодовите од она дрво, ги однесе в црква и им ги раздели на браќата, велејќи: „Пристапете и вкусете од плодот на послушанието!“

Јован Колов имаше мноштво ученици. Некои од неговите мудри изреки се сочувани. Се упокои мирно и се пресели во радоста на својот Господ.