Денеска е 14 ноември (по стар стил) и се слави Св. Григориј Палама, архиепископ Солунски.

Татко му на Григориј беше висок чиновник на дворецот на царот Андроник II Палеолог. Откако надарениот Григориј ги изучи светските науки, не сакаше да се зафати со служба на дворецот, но замина на Света Гора и се замонаши.

Се подвизуваше во Ватопед и во Лаврата. Водеше борба со еретикот Варлам и најпосле го победи. Беше посветен за митрополит Солунски во 1347 година. Се прослави и како подвижник и како богослов, и како јерарх и како чудотворец.

Му се јавуваа повеќе пати: Пресвета Богородица, свети Јован Богослов, свети Димитриј, свети Антониј Велики, свети Јован Златоуст, ангелите Божји.

Со солунската Црква управуваше тринаесет години, од кои една година беше во ропство кај Сарацените во Азија. Се упокои мирно, во 1360 година. Моштите му почиваат во Солун, во прекрасната црква што му е посветена.