Денеска е 28 февруари (по стар стил) и се слави Св. Кирана Солунска.

Света Кирана се родила во првата половина на 18 век, во солунското село Ависона, во семејство на благочестиви христијани.

Како убава девојка, јаничари ја грабнале и ја однеле во Солун. Tие лажно тврделе дека Кирана се согласила да ја прими нивната вера. Кирана смело и непоколебливо одговорила дека таа не сака да се потурчи. Поради тоа и биле ставени окови и била фрлена во затвор.

Командирот на затворот им одобрил на јаничарите да влегуваат во ќелијата на Кирана и да ја измачуваат како што ќе посакаат. Така, еден ја тепал со дрво, друг со нож, трет со клоци, се додека не ја оставиле полумртва.

Така била измачувана една седмица. На седмиот ден, на 28 февруари, издивнала. И тогаш се случило чудо: голема светлина блеснала во затворот, која го опкружувала телото на маченичката и се разлевала низ целиот затвор. Следниот ден им било одобрено на христијаните да го земат нејзиното тело. Ја погребале надвор од градот, во христијанските гробишта.

Тропар:

Девственице света, Кирано невесто Христова, мачеништвото твое од Бога примено, благодат подарува на оние кои го чествуваат твоето трпение во маките, Господа Го прославуваат и тебе те молат, светило запалено да бидеш за нашето спасение, пред Оној за Кого душата твоја ја оневести.