Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров во рамки на работната посета на Германија, денеска во Берлин, остварија средба со Михаел Рот, државен министер за Европа во рамки на Министерството за надворешни работи на Германија.

-С. Македонија годинава претставува успешна приказна за регионот и Европа. Затоа е важно поволниот моментум да биде искористен и засилен преку одлука за почеток на пристапните преговори во јуни. Тоа ќе значи потврда за историскиот пресврт што го направивме во односите со нашите соседи и силен поттик за домашната реформска агенда. Но, истовремено тоа ќе биде и неопходен сигнал дека европската перспектива е реална и дофатлива и дека Брисел и земјите членки објективно ги препознаваат и охрабруваат позитивните примери во регионот” , истакна Министерот Димитров.

Османи на средбата истакнал дека Германија е традиционално наша пријателска земја со која негуваме партнерски однос, но, како што посочил, во исто време е и силен поддржувач на политиката за проширување на ЕУ и зачленувањето на земјите од Западен Балкан, за што јасно говори иницирањето на Берлинскиот процес, посветен на поврзаност, добрососедски односи, регионална соработка и европска интеграција.

Тој го преставил и спроведувањето на реформските Планови 3-6-9 и Планот 18, како клучни репери за реформскиот напредок на земјата.

-Фактот што земјава се наоѓа во период на предизборие кога носењето закони е ставено во мирување, создава простор за фокус на институциите во остварувањето на таканаречениот ‘трак-рекорд’, т.е. видливи резултати и успешни примери кои го демонстрираат суштинскиот напредок од спроведените реформи, додал Османи, посочувајќи на претстојниот Извештај на Европската комисија, за кој изрази очекување дека ќе го одрази реформскиот напредок на земјата.

Вицепремиерот Османи и министерот Димитров во рамки на работната посета на Берлин ќе учествуваат на брифинг пред Комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг, на кој ќе реферираат за текот на имплементацијата на политичките обврски кои произлегуваат од Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, како и за напредокот во спроведување на реформите во областите предвидени во заклучоците на минатогодишниот самит на Европската унија, како клучни критериуми пред овогодинешниот самит на ЕУ во јуни, кога се очекува конфирмација на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.

Претходно Османи и Димитров се сретнаа со пратеникот Јохан Вадефул, а остварија и официјална средба со претседателката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер.