За да не се разочараме пак, поарно е да не очекуваме добар исход, рече вицепремиерот Никола Димитров за очекувањата и најавите во декември Бугарија да ги деблокира преговори на Македонија за члнство во ЕУ.

Димитров смета дека по изминатите „циклуси на надеж, па разочарување, па надеж“, одговорно е да им се каже на граѓаните дека подобро е да бидеме изненадени од добар исход, отколку разочарани од лош исход, околу европскиот пат на Македонија и ветото на Бугарија.

– На само неколку дена од Советот за општи работи на 14-ти декември, би било крајно неодговорно да создаваме очекувања за тогаш, рече Димитров во гостувањето на ТВ Клан Македонија.

Влогот е голем и за нас и за ЕУ, рече тој.

– Вложивме многу во европската приказна. Дури и ЕК вели ако не почнат преговори со Македонија и Албанија, во регионот веќе нема да им веруваат. Имаме силни аргументи дека сме држава што решава прашања и има таква храброст и визија, рече Димитров.

Не смееме, после целото искуство што го имаме да се врзуваме за датуми, смета Димитров.

– Мислам дека сигналите од Софија упатуваат дека очекуваат некаков процес во билатералните односи кој, чекор по чекор, ќе помогне да се затвори прашањето, додаде Димитров во интервјуто за ТВ Клан Македонија.