Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во интервју за Си-Ен-Ен, кажа дека Русија, од една страна, и САД и НАТО, од друга страна, се на многу различни колосеци, што е причина за загриженост.
Извадоци од интервјуто синоќа беа цитирани од агенцијата Блумберг.
Песков децидно ги отфрли обвинувањата за наводната намера на Русија да ја милитаризира ситуацијата со Украина, додавајќи дека САД досега не обезбедиле никакви докази за таквите тврдења.
Во интервјуто за Си-Ен-Ен од Песков беше побарано да ги објасни извештаите дека Русија планира воена ескалација или напад врз Украина, на што тој одговори:
-Прво, можете сами да видите дека тоа не се случува. Второ, синоќа слушнавме дека Џејк Саливан (советникот за национална безбедност на претседателот Бајден) вети дека во рок до 24 часа ќе ги открие доказите за овие наводи, а, ако не се лажам, ние се уште ги чекаме. Знаете, живееме во свет на лажни обвинувања, лажни вести, свет на лаги, изјави Песков.
-Има одредено разбирање меѓу нас. Но, генерално, во принцип, сега можеме да кажеме дека остануваме на различни патеки, сосема различни колосеци. И ова не е добро, ова е загрижувачки, рече Песков за резултатите од последните разговори.
Тој, исто така, ја повтори потребата Русија да добие законски обврзувачки гаранции дека Украина нема да влезе во НАТО, бидејќи во спротивно Киев ќе има легитимна можност да се приклучи на Алијансата.
Тој додаде дека додека не се изведат доказите, ќе се смета дека станува збор за лажни вести и лажни обвинувања против Русија.