До 17 часот правото на глас го искористиле 41,39 отсто, покажуваат последните ажурирани информации на официјалната страница на Државната изборна комисија (ДИК).

Според обработени 72,42 отсто од гласачите, до 17 часот гласале 547 048 граѓани.

Гласањето во дел од избирачките места ќе биде продолжено и по 19 часот. Како што рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски на последната прес-конференција, избирачките места каде има ред за гласање ќе останат отворени и по 19 часот за да може и оние граѓани кои ќе се најдат во дворот или во ходникот од гласачкото место да го остварат правото на глас.

Од ДИК најавуваат и дека гласањето ќе биде продолжено и во оние места каде имаше прекини.