Спортско риболовното друштво „Хантер Фиш“ од Кичево изврши порибување на Осломејско Езеро со 300 килограми крупен крап, што во значителна мера ќе го зголеми интересот кај спортските риболовци  да учествуваат во крапски натпревари што се организираат на ова се поафирмирано вештачко езеро.

-Последното порибување на Осломејско Езеро во оваа календарска година го извршивме денес, откако во езерото пуштивме 300 килограми крупни примероци на крап со тежина од 10 и повеќе килограми обезбедени од рибникот Жабени кај Битола, истакна Бесмир Елези претседател на спортско риболовното друштво„ Хантер Фиш“од Кичево.

Тој додаде дека порибувањето го извршиле  во соработка со ЕЛС Кичево и градоначалникот Фатмир Дехари, кој за оваа намена обезбеди 60 000 денари средства со кои се обезбедени овие количини на крупен крап.

-Големите примероци на крап што сега ги поседува Осломејското Езеро, уште повеќе ќе го афирмираат ова езеро кај спортските риболовци во земјава па и надвор од неа, затоа што секој од нас риболовците би сакал да улови крап капиталец тежок 10 и повеќе килиграми, додаде Елези.

Посочи дека константниот водостој на езерото и неговата длабочина од над 40 метри, како и изобилството на храна во самото езеро, се благопријатни услови за рибниот фонд во езерото, кој од година во година е се помногуброен.