Промена на полот на товар на Фондот. Трансродовите лица кои ќе сакаат да направат операција за смена на полот, веќе не ќе треба да плаќаат десетици илјади евра за ваква интервенција во странство. Операциите ќе ги врши врвен експерт од Србија, а сумата ќе ја плати државата. Во земјава веќе има еден кандидат, вели министерот Филипче.
„Од пред неколку месеци на раполагање за трансџендер хирургија на сите наши граѓани е врвен експерт од Србија кој работи во развиени европски земји и во Америка и за сметка на Фондот за здравствено осигурување тие операции кои досега се плаќаа приватно ќе има можност да се прават на Клиниката за детска хирургија“, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Операциите за промена на полот чинат илјадници евра. Во Велика Британија на пример просечна цена на ваквите операции е 20.000 фунти или околу 23.000 евра. Во земјава, ваква операција направиле најмалку пет лица. Последниот од нив, полот го смени во 2017 година во приватна болница во Скопје.