Според Договорот од Преспа Македонија има обврска за промена на книжните и кованите пари, но крајниот рок зависи од отворањето на ЕУ поглавјето – економска и монетарна унија.
Како што за ТВ Канал 5 појаснува вицегувернерката Емилија Нацевска, со оглед на фактот дека Македонија се уште го нема отворено тоа поглавје во моментов не може да се прецизира и крајниот рок за целосна замена на парите.
– Законска обврска согласно Преспанскиот договор има да и за замена на парите, со тоа што крајниот рок е пред истекот на 5 години од отворањето на релевантното поглавје со ЕУ по ова прашање во рамки на преговарчкиот процес, со оглед на тоа дека ова поглавје се уште не е отворено и крајниот рок не е познат не можеме сега да го прецизираме крајниот рок за целосна замена на парите, изјави Нацевска.
Промената на парите ќе се врши постепено бидејќи станува збор за долг и скап процес, за што е потребно и навремено планирање на залихите, вели Нацевска и додева дека Народната банка замената на парите ја започнала уште во 2020 година со изданијата на парите од оние апоени каде имало потреба за надополнување на залихите.
– Граѓаните ќе може да вршат замена на парите и по истекот на овој рок непречено и временски неограничено кај централната банка и од тие причини нема потреба од било каква загриженост, изјави Нацевска, вицегувернерка во НБРМ.
Извор: ТВ Канал 5