Две од трите фирми со кои државната компанија Електрани на Македонија (ЕСМ) склучила договори за набавка на јаглен имаат ист човек во сопственичката структура, 45-годишниот тетовец Аљибер Ибраими, објави Призма.
Податоците што ги добивме од Централниот регистар, пишува Призма, покажуваат дека првата фирма, со име Куантум Солушнс, му е регистрирана на денот кога ЕСМ го распишала јавниот повик за набавка на јаглен, на 31 март годинава. Тој, до минатата недела, беше нејзин единствен сопственик и управител, кога во сопствеништвото на фирмата влегол Лазар Кимов.
Увезувањето јаглен наместо струја беше најавено како една од клучните мерки со кои Владата на Димитар Ковачевски ќе се справува со големата енергетска криза со која се соочува целиот свет
Втората, пак, Енергија Икс ја поседува заедно со бизнис-партнерка од Скопје, 44-годишната Ана Христовска, а почнала со работа на 5 мај, кога повикот веќе течел. И двете се микро-компании и се регистрирани за трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива.
На 13 јуни, комисијата за јавни набавки на ЕСМ го затворила повикот и објавила дека се избрани четири понуди за набавка на 550.000 тони јаглен поднесени од три фирми (една доставила две понуди, што било дозволено со правилата на повикот).
Овој јаглен, како што објаснија од компанијата, ќе се користи за хомогенизација на тој што се ископува во РЕК Битола, кој е со ниска калорична вредност и е несоодветен за исполнување на планот на ЕСМ да го зголеми домашното производство на струја за 20 отсто, и со тоа стопроцентно да ги покрие потребите од електрична енергија за домаќинствата.
Увезувањето јаглен наместо струја беше најавено како една од клучните мерки со кои Владата ќе се справува со големата енергетска криза со која се соочува целиот свет.
Најголемиот дел, 400.000 тони, ќе го обезбеди албанската компанија Хај Тауерс од Тирана, која ќе носи јаглен од својата земја и за тоа ќе наплати 22 милиони евра.
Албански јаглен ќе увезува и Енергија икс, 50.000 тони, а Куантум Солушнс треба да донесе 100.000 тони јаглен од Грција. Со тоа, овие две фирми, речиси непосредно по формирањето, добиле државен бизнис вреден околу девет и пол милиони евра.
Целата статија во Призма.