Изјавата на Доналд Трамп дека во САД сиромаштијата е минато, на луѓето кои живеат на Апалачките Планини им звучи како сурова шега. Таму за него гласаа 85 проценти од избирачите. А дали повторно ќе гласаат – е големо прашање, пишува Дојче веле.

Округот Харлан во источниот дел на Кентаки е сместен на Апалачките Планини и е еден од најубавите, но и најсиромашни делови на САД. На врвот од својот развој, во 40-тите години од минатот век таму живееле околу 75 илјади луѓе. Имало доволна работа во рудниците и добро се заработувало.

Сега таму живеат 27 илјади луѓе. Стапката на невработеност е двојно поголема од националниот просек од околу четири отсто. Оној кој можел, си заминал. Оние кои останале едвај врзуваат крај со крај. И онака нема повеќе традиционални работодавачи.

Челзи Барс по потекло од Флорида и со темна боја на кожата, е една од оние кои се задоволни. Неодамна, заедно со својот вереник кој потекнува од тука, се досели во Харлан. Работи во еден ресторан за брза храна и бара стан.

– Мислев дека ќе биде тешко. Јас не сум од тука, а не забележав ниту некоја етничка разновидност. И покрај тоа сите се љубезни и засега немам проблеми, вели Барс.

Апалачките Планини со своето претежно бело и религиозно население долго време важеа – и се уште важат – за црна дупка на САД со сиромашни и необразовани жители. Повеќето од нив гласаа за Трамп и тоа некако уште повеќе ги разбуди предрасудите кон тој дел на Америка.

Од Харвард до Харлан

Зад Џеф Мариете стои поинаква приказна. Но и тој, како и Челзи Барс е среќен што се доселил „на крајот од светот“ – во Харлан. Тој докторирал на Харвард, почнал успешна софтверска фирма и кога требало да го најде местото каде што ќе може да ја развие својата нова видео игра која се занимава со насилството во училиштата се одлучил за Харлан од каде што е и неговата сопруга. И откако во 2013 година тука основал подружница, не зажалил.

– Луѓето овде се највредните луѓе што сум ги сретнал, вели Мариете, кој пред три години ја продал својата фирма и заедно со семејството се преселил во Харлан. Она што нивните пријатели во Бостон го прогласиле за лудост, неговото семејство го смета за благослов. Сакале зад себе да ја остават 80-часовната работна недела и повеќе време да поминуваат заедно.

Џеф денес е директор на едно традиционално училиште, но се уште бара начин како економски да му помогне на регионот. Од минатата година раководи и со локалната Стопанска комора. Иако воочува дека регионот има економски потенцијал во исто време е и свесен во каква ситуација се наоѓаат повеќето жители.

Дрога и сиромаштија

Сиромаштијата не е единствената причина поради која заедницата го губи тлото под нозе. Овој дел на САД е посебно погоден и од наркоманија. Во Харлан се регистрираат 54,3 смртни случаи од предозирање на сто илјади жители, што е двојно повеќе од нивото на САД. Ако се земат предвид и годишните приходи по глава на жител (државната помош не е пресметана) од 12.579 долари во споредба со 40.679 на сојузно ниво, тогаш се добива многу темна слика.

Затоа не чуди што во градот доминираат затворени продавници, а единствени што се уште функционираат се заложните куќи  и црквите. Тоа, како што вели Мариете, објаснува и зошто Трамп тука освои 85 отсто од гласовите. – Луѓето се очајни и се чувствуваат напуштени, додава Мариете.

Тој вели дека луѓето буквално умираат: просечниот животен век тука е за осум години покус од останатиот дел на земјата. Оставени меѓу изборот за Хилари Клинтон, чиј партиски колега Барак Обама не им донесе ништо на тамошните жители, и новиот кандидат кој им ветува се, беше јасно за кого ќе се определат.

Јагленот не е иднина

Но, денес речиси веќе никој не верува дека рудниците и индустријата поврзана со нив некогаш повторно ќе донесе просперитет во овој крај. Засега е отворен еден рудник каде работат 150 луѓе.

– Нашиот проблем е неразновидноста на економијата. А за да се развиеме, потребна ни е инфраструктура, вели Дан Мозли од Управата на оркугот Харлан и додава дека „пат со само две коловозни ленти не беше проблем за рударската индустрија, но е проблем за сите други работи“.

Проекти постојат но Харлан за сега се уште е длабоко во сиромаштија.

– Луѓето кои некогаш волонтираа кај нас, сега и самите доаѓаат по оброк, вели Брајан Тол од една од христијанските хуманитарни организации која организира народна кујна.

Тол, кој е роден во семејство на христијански мисионери од Индијана, не знае што би било одговор на сиромаштијата во округот Халран.

Но, за Челзи Барс од почетокот на приказната, Харлан е место каде што таа го пронашла својот мир.

– Харлан не е толку лош како што зборуваат сите. Убаво е да се доселиш овде, да ги гледаш планините и да уживаш во мирот. Единствено малку се плашам од диви животни. Но тоа е се, вели таа.