„Сакам мирен живот, среќна сум што ја добив работата на Хвар“, вели 36-годишната Дивна Војновска, лекарка од Скопје, која единствена се пријави на огласот за работа во амбулантата во малото гратче Суќурај на хрватскиот остров Хвар.

Хрватските медиуми пишуваат дека Војновска, родното Скопје, метропола со речиси 600 илјади жители, ќе го замени со гратчето Суќурај, каде има едвај 300 жители. Но, тоа не ја обесхрабрило.

Таа во изјава за „24 сата“ вели дека родинините во Македонија биле многу скептични и не им мило мило што таа ќе замине. „Но, тогаш ја прифатија мојата одлука и еве тука сум, убаво ми е“, вели младата лекарка.

За време на нејзиниот прв работен ден чекалницата во амбулантата била преполна бидејќи сите дошле да ја запознаат новата докторка.

Лекарката ќе се грижи за 300 пациенти, а пред тоа три лекари од Јелса патувале секојдневно и се менувале во амбулантата во Суќурај. Младата Македонка се јави на конкурсот што беше отворен ова лето и досега никој не се јавуваше на него, без оглед на тоа што, освен плата и сместување, се нудеше и годишен бонус од 6.700 евра.

Локалната самоуправа сфатила дека веќе не е доволно да се обезбеди сместување на лекарот, па градоначалникот понудил дополнителен надоместок. Новата лекарка одработила дел од стажот кај нас во Македонија, а во Хрватска требаше да полага шест дополнителни испити, кои ги положи, што е задолжително за да ѝ се признае странската диплома.