Во полицискиот центар во Ѓорче Петров денеска беа предадени во употреба 10 нови возила „фиат дукато“ за брза интервенција за потребите на специјалните единици, донација од Чешката Република.

Донацијата на новите возила е во висина од еден милион евра, пари што согласно договорот за донација ќе бидат искористени за материјално-техничко модернизирање на повеќе организациони единици при МВР.

Возилата се наменети за брза интервенција, при справување со нарушен јавен ред и мир од поголем обем, но и за извршување други полициски задачи. Тие поседуваат комплетна заштитна опрема на сите ранливи делови на возилата, тетра уред, рото светла, флешери и сирени, односно целосно се прилагодени за полициска намена. Цената на едно возило е 1.499.000 денари без вклучен ДДВ.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој ја следеше презентацијата на возилата, истакна дека овие интервентни возила биле повеќе од потребни, со цел да се зголеми ефикасноста, имајќи предвид дека возилата кои ги користеле овие единици, биле со старост од 49 години.

– Сите интервентни возила се набавени по спецификација, што директно беше изготвена од страна на специјалните единици за нивните потреби и врз основа на тие потреби беа направени односно прилагодени во македонска фирма во Скопје, изјави министерот Спасовски и додаде дека тоа покажува оти имаме сериозен капацитет за да можеме потребите на полицијата да ги обезбедиме и во нашата држава.

Тој им се заблагодари на Амбасадорот на Чешка во нашата држава Мирослав Томан и на Владата на Чешката Република за се она што го правеше, како што рече, да ги јакне капацитетите на македонската полиција, со цел успешно да се справуваме со мигрантската криза.

Најавувајќи дека се подготвува и нова набавка на возила, тој изрази надеж дека со овој тренд на обезбедување на опрема на услови за работа, ќе се подигне нивото на мотивираност на македонската полиција, нивната професионалност, а со тоа сериозно ќе се зголеми оперативноста на полицијата и безбедноста на државата.