Дождот кој синоќа падна во Македонија ги изгасна шумските пожари кои повеќе денови гореа на Скопска Црна Гора, на Сува Гора во Тетовско и на други места во нашата земја.

Селото Долна Лешница во општина Желино во вчеравечер ја избегна опасноста шумски пожар да ги зафати првите куќи во населбата. Интервенциите на пожарникарите во текот на изминатите денови како и дождот што почна да врне вчеравечер значеа целосно гаснење на огнот што избувнал на падините на планината Сува Гора.

-Шумскиот пожар избувна уште пред три дена високо на планината Сува Гора од правец на Стримница. Со возила не ни можевме да пристапиме.  Дел од пожарникарите со персоналната опрема со вода во раце и други материјали се обидуваше да го изгасне огнот. Со возила се гаснеше веќе кога се приближи до селото Долна Лешница.  Во текот на петокот сепак успеавме да го локализираме пожарот. Околу 19 часот започна да врне со што целосно се изгасна оганот на сите места и опасноста беше отстранета, информира Ука Алити, командир на тетовската Територијална противпожарникарска единица.

Командирот информираше дека во текот на неделата имале уште пет интервенции на отворено.

-Во сите случаи причина е човечкиот фактор, што од негрижа или невнимателсност. Треба да се избегнува да се пали оган на отворено и да се фрлаат неизгасени отпушоци од цигари, вели Алити.

Поголеми интервениции на отворено во шумски предел пожарникарите имале и во реонот на Голема Речица.