Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за безбедносната ситуација во нуклеарната централа Запорожје во Украина, окупирана од Русија, јави ДПА.

Гроси на онлајн платформата Х објави дека на состанокот во црноморскиот град Сочи, двајцата разговарале и за „другите глобални предизвици во областа на нераспространување“ на нуклеарното оружје.

Шефот на МААЕ истакна дека имал „важна размена на мислења со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин во Сочи“.

Ниту Гроси ниту Кремљ не коментираа други детали од средбата.

Претходно во текот на неделата, Гроси рече дека нуклеарната централа Запорожје – најголемата во Европа – сега се потпира на еден далновод за напојување на своите системи за ладење.

Според него, позицијата на електраната треба да се смета за крајно ризична поради нејзината близина до фронтот и тековните борби во близина.

Постојаниот претставник на Русија во меѓународните организации во Виена, Михаил Улјанов, посетата на Гроси на Русија ја оцени како корисна и успешна.

Фото: ЕПА